Четврта работна средба на регулаторите, приватниот и граѓанскиот сектор за следење на спроведувањето на Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија

52

На 31 мај беше одржана четвртата работна средба на Работната група за следење на спроведувањето на Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија, чија активност ја координира Народната банка, а на која присуствуваа и претставници на Министерство за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување и Агенцијата за супервизија на осигурувањето, како и субјектите од приватниот и граѓанскиот сектор. На средбата присуствуваше и претставник на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), кој ги презентираше  резултатите од анкетата спроведена во 2022 година за финансиска писменост на микро, малите и средни претпријатија (ММСП) во Југоисточна Европа (ЈИЕ). Извештајот што следи, насловен „Финансиска писменост и дигитализација за ММСП во ЈИЕ: Алатка за зголемување на капацитетите на сопствениците и менаџерите” беше подготвен во рамките на регионалниот проект на ОЕЦД и беше спроведен со поддршка на Министерство за финансии на Холандија и неговата Money wise платформа. Извештајот нуди докази и анализа на нивоата на финансиска писменост на сопствениците и менаџерите на ММСП, нивната свесност и употребата на финансиските услуги и дигитализацијата на финансиските и деловни активности на ММСП, овозможувајќи споредби меѓу учесниците во истражувањето од регионот, вклучувајќи ја и нашата земја.

Финансиската писменост на менаџерите и сопствениците на ММСП во нашата земја е оценета со 69 (од максимум 100) што е повисоко од просекот на анализираните земји од регионот (67). Највисоките оцени се остварени за компонентата финансиско однесување, потоа финансиските знаења и финансиските ставови, при што сите компоненти се малку над или на ниво на регионалниот просек. Во споредба со Г-20 земјите, просечната оценка за регионот е пониска за 7 п.п., што упатува на потребата од зајакнување на финансиските вештини и стратешки пристап за зголемување на финансиската писменост на менаџерите на ММСП, со цел да се зајакне долгорочната деловна отпорност на овие фирми. Споредбата на нашите резултати во однос на свесноста на ММСП за финансиски производи покажува дека свесноста на сопствениците и менаџерите на ММСП коишто користат кредити за финансирање на бизниси во нашата земја е повисока во споредба со региналниот просек, додека во останатите оценувани параметри-свесноста за финансирање со капитал и други видови на финансирање и свесноста за справување со ризици, оценките се малку пониски или соодветствуваат со резултатите во регионот. Наодите упатуваат на придобивките од натамошен развој на пазарот на капитал и алтернативните начини на финансирање, со цел проширување на финансиските опции за ММСП, нивните сопственици и менаџери.

Во однос на дигитализацијата, просечната оценка кај нас е малку пониска во однос на регионот. Притоа, оценето е дека дигитализацијата на ММСП во регионот заостанува зад развиените земји, што упатува на потребата од понатамошно унапредување.

Наодите и заклучоците во Извештајот нудат корисни докази за поддршка на понатамошната работа на финансиска едукација и финансиска инклузија на ММСП, во согласност со националната Стратегија. Ова би создало предуслови за подобрување на пристапот до финансии од страна на ММСП. Активностите во оваа сфера се очекува да придонесат за одржлив развој на овој сегмент и на економијата во целина. На оваа средба, беше презентирано и искуството во Унгарија од примената на Дигитална платформа -апликација за финансиска едукација „Learning-by-doing-financial education”, со што приватниот и граѓанскиот сектор имаа можност да се запознаат со едукативните платформи кои се применуваат во други економии. 

Преку овие работни средби коишто се одржуваат два пати годишно се овозможува редовен дијалог помеѓу регулаторите, субјектите од приватниот и граѓанскиот сектор вклучени во активности за финансиска едукација, како и размена на предлози и искуства за зајакнување на финансиската инклузија и заштитата на потрошувачите во финансискиот систем, со цел успешно спроведување на Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија.