Citroen C4 X пристигна во Македонија

95

Новиот адут во понудата на Citroen, моделот C4 X, кој дебитираше пред неколку месеци, отсега е достапен на македонскиот пазар

По официјалната глобална премиера минатата година, новиот Citroen C4 X сега пристигна и на македонскиот пазар. Замислен како нова алтернатива на пазарот и автомобил кој треба да „чекори меѓу сегментите“ и да ги замени SUV моделите кои бележат огромна популарност на Стариот континент, новиот фастбек кросовер на француската марка сега, неколку месеци по премиерата, е достапен за македонските купувачи, особено оние кои сакаат да комбинираат меѓу класичен седан и SUV.

C4 X е подолга верзија на C4 кој дебитираше во 2020 година, а го следи дизајнот на предниот дел, додека движејќи се кон задниот дел, забележлива е нагласената опаѓачка линија на покривот, а тоа со себе носи и редизајнирана задница. На задниот дел се истакнуваат пар стилски LED задни светла, уникатна задна врата со интегриран спојлер и поконвенционално задно ветробранско стакло. Стилот на кросовер е задржан, со зголемено растојание од подлогата и пластични обвивки околу каросеријата. Подолгото задно надвиснување а резултира со поголем багажник со капацитет од 510 литри што е многу поголем од 380-те литри на C4.

Во внатрешноста, контролната табла кај C4 X е заедничка со C4, вклучувајќи го тука 10-инчниот централен екран на допир и препознатливата дигитална инструмент табла. Сепак, моделите ја добиваат новата инфозабава MyCitroën Drive Plus што беше претставена во поголемиот C5 X, со нов интерфејс, подобро препознавање на гласот, повеќе функции за поврзување и бежични over-the-air надградби. Безбедносната опрема вклучува до 20 системи за помош вклучувајќи го и полуавтономниот Highway Driver Assist од Ниво 2.

Повеќе опции

Citroen C4 X во Македонија ќе се нуди во базичната верзијата со 1,2-литарскиот турбобензинец со 100 КС и мануелен менувач во основното Feel ниво чија цена изнесува 22.390 рвра. Верзијата со 130 КС турбобензинец е достапен од второто ниво на опрема и се комбинира со автоматски менувач и чини од 27.690 евра, додека верзијата со турбодизел мотор почнува од 29.490 евра. На врвот на понудата се наоѓа целосно-електричниот ë-C4 X со цена од 43.490 евра.

За повеќе информации, посетете го продажниот салонот на Avtonova или пак официјалната веб-страница на Citroen во Македонија.

Преземено од Avtoplus.mk