Commerzbank размислува за отпуштања за да се спротивстави на преземањето на UniCredit

Германската Комерцбанк размислува за укинување на илјадници работни места како дел од напорите да спречи несакано преземање од страна на италијанскиот банкарски гигант Уникредит, објави Фајненшл тајмс, повикувајќи се на информирани извори.

Плановите за отпуштања сè уште не се формализирани, но се очекува да бидат претставени на работниот совет во наредните недели.

Еден извор изјави за Фајненшл тајмс дека тоа може да биде „во пониските илјади“.

Новиот извршен директор на банката, Бетина Орлоп, на 13 февруари треба да претстави ажурирана стратегија за тоа како банката би можела да ја зголеми профитабилноста и исплатите на акционерите.

UniCredit, предводена од Андреа Орсел, сега контролира 28 отсто од акциите на Commerzbank. Во случај на регулаторно одобрение, целта на италијанската банка е да стане најголем акционер.

Орсел не ги крие своите амбиции целосно да ја преземе Комерцбанк, а инвеститорите на Комерцбанк генерално не се против таквиот аранжман. Исклучок е германската влада која има удел од 12 проценти.

Аналитичарите, како што објави Фајненшл тајмс, веруваат дека спојувањето ќе донесе заштеда на трошоците во милијарди евра.

Отпорот на синдикатите и германската влада се заснова на стравувањата дека UniCredit може да елиминира бројни работни места во Германија, каде што веќе има своја подружница HVB. Според синдикатите, може да се изгубат дури 15.000 работни места.

Сето ова, секако, добива особено чувствителна политичка димензија пред германските парламентарни избори во февруари.

Комерцбанк веќе ги намали работните места и затвори околу половина од своите 800 филијали од 2021 година. Овој потег помогна да се зголеми оперативниот профит и тројно да се зголеми вредноста на цената на акциите во последните три години.

Амбицијата на UniCredit создава дополнителен притисок за Commerzbank да покаже како може да биде уште попрофитабилна и да ја зголеми вредноста на акционерите, а тоа да го направи независно и подобро отколку како дел од италијанската банка.

Друг извор додава дека кратењето на работните места може да биде поттикнато од дигитализацијата, особено со употребата на вештачка интелигенција, а работните места во одделот за ИТ може да се преселат надвор од Германија во други европски земји.

Од Комерцбанк само што изјавија дека се уште работат на ажурирање на стратегијата и дека е невозможно однапред да се знае какви ќе бидат резултатите од дискусиите во управните и надзорните одбори.