
Меѓу најбогатите луѓе во светот се случува историска промена. Оваа година, 142 илјади милионери имаат намера да се преселат, оставајќи ги зад себе луксузните станови во Лондон или имотите во Франција.
Од Лондон до Котор: Трендот на „новите“ адреси на светските богаташи
Швајцарија, Соединетите Американски Држави и Обединетите Арапски Емирати сè уште успеваат да привлечат дел од богатите, но Црна Гора е најбрзо растечкиот центар во светот за милионери.
Имено, според податоците од швајцарската компанија „Хенли и партнерс“, во текот на минатата година бројот на милионери кои дошле да живеат во оваа земја се зголемил за дури 124 проценти.
Во моментов, во оваа земја живеат 2.800 милионери, што е значително помалку во споредба со некои други земји. Сепак, таа ги привлекува богатите благодарение на програмата „инвестиција во замена за државјанство“, која е позната и како „златен пасош“. Покрај тоа, како што истакна Доминик Волек од „Хенли и партнерс“, Црна Гора станува привлечна поради близината до Западна Европа и нејзината фискална флексибилност.
„Ниските даноци на Црна Гора, со фиксен данок на доход и без данок на наследство или подарок, ја направија особено привлечна за складирање богатство. Во комбинација со јадранскиот брег, понудата на луксузни недвижности и атрактивниот медитерански начин на живот, земјата стана избор на инвеститорите“, рече Волек.
Освен споменатите, бројот на богати луѓе кои емигрирале во текот на минатата година се зголемил и во Малта, Полска, Кина, Костарика, Индија и Латвија. Од друга страна, најмногу милионери емигрирале од Велика Британија, Кина, Индија, Јужна Кореја, Русија, Бразил, Франција, Шпанија и Германија, пишува бизнис весникот „Форчун“.