Првиот хрватски соларен автомобил наречен Crostar, минатата недела беше претставен во Ровињ. Во неговата реализација помогнаа студенти од Осиек и Загреб, а направен е на осиечкиот Електротехнички факултет, пишува HRT.
“Место за седење има малку, но мала е потрошувачката. Автомобилот се полни на сончева светлина и не троши ништо. Ова соларно возило има шест метри квадратни соларни ќелии, чија ефикасност е скоро 24% и литиум – јонска батерија од 20 килограми. За пет часа, капацитетот на батеријата е 200 – 300 километри“, објаснува машинскиот инженер Алберт Саличунај.
Користени се делови од сите страни на светот, од соларни плочи слични на оние што ги користи NASA, до јапонски мотор. Во натпреварите за вакви возила водат Холанѓаните, кои имаат дури дванаесет вакви автомобили.
Со помош на бројни спонзорства, автомобилот е направен за 100.000 евра. Тие ќе учествуваат на некои од светските натпревари за електрични автомобили, каде за пет дена, со просечна брзина од 85 километри на час се поминуваат 3.000 километри.
Не постои пазар за вакво возило, суштината е да се направи поефикасен автомобил користејќи најнапредна технологија, да се намали масата и потрошувачката на енергија, вели Саличунај.
Тимот се надева дека во иднина развојот на технологијата можеби ќе обезбеди соларниот погон да се користи и во семејните автомобили.