Dacia ја освежи гамата со нов изглед, повеќе технологија и хибридна моќ

Dacia воведе неколку освежувања за Sandero, Stepway, Logan и Jogger со нов дизајн, поголем екран, хибриден погон и повеќе технологија

По неколку години на пазарот, Dacia Sandero, Stepway, Logan и Jogger добија заслужено освежување. Моделите кои го сочинуваат јадрото на брендот сега доаѓаат со нов дизајн, подобрена технологија и ефикасни погонски системи, но остануваат верни на својата главна предност – пристапната цена.

Освежен дизајн со модерен потпис

На прв поглед, освежените модели ја задржуваат препознатливата форма, но деталите откриваат видливи промени. Новите LED предни светла добија тенок светлосен потпис што ја заменува претходната Y-графика, а решетките и браниците се редизајнирани за посовремен изглед. Моделите Stepway и Jogger се издвојуваат со заштитни елементи и пластична облога од рециклиран материјал Starkle, што додава и еколошка нота. Новите дизајни на алуминиумски тркала, како и свежите бои Amber Yellow и Sandstone, внесуваат динамика и карактер.

Модерна внатрешност и повеќе технологија

Во кабината, Dacia инвестирала таму каде што најмногу се чувствува разликата – во технологијата и ергономијата. Поголем 10-инчен инфотејнмент екран сега е достапен во повисоките нивоа на опрема, додека основните верзии и понатаму нудат практичен држач за паметен телефон што функционира како мултимедијален центар.

Постојат и нови графики на 7-инчниот дигитален панел, безжично полнење, систем YouClip за монтирање додатоци, како и нов волан со подобар фидбек.

Во делот на безбедноста, сите модели се усогласени со најновите европски стандарди (Euro NCAP 2025) и вклучуваат автоматско кочење во итни случаи, аларм за невнимателен возач, како и копче “My Safety” за персонализирани подесувања на системите за асистенција.
Во повисоките пакети Journey и Extreme, достапен е и Driving Pack со автоматски светла, камери со 360° поглед, и електрично преклопливи ретровизори.

Хибридна технологија од Bigster и Duster

Под каросеријата, Dacia останува на проверената CMF-B платформа што ја дели со Renault и Nissan. Главната новост е воведувањето на Hybrid 155 системот, преземен од SUV моделите Bigster и Duster. Комбинацијата од 1.8-литарски бензински мотор, два електромотора, 1.4 kWh батерија и автоматски менувач без спојка испорачува 155 КС и 170 Nm вртежен момент.
Системот овозможува до 80% градско возење во целосно електричен режим, а најпрво ќе биде достапен кај Jogger, а потоа и кај Sandero Stepway во текот на 2026 година.

Еко опција со LPG и економични бензинци

Сите модели ќе бидат достапни и со Eco-G 120 верзија – 1.2-литарски трицилиндричен турбо мотор што работи на бензин и LPG. Со 118 КС и избор меѓу рачен или двојно спојчен автоматски менувач, овој мотор нуди вкупен опсег до 1.590 км со едно полнење на двата резервоари. Покрај тоа, Sandero и Logan продолжуваат со 1.0-литарски бензински мотори со 65 КС или 100 КС, додека Stepway и Jogger добиваат засилена 109 КС турбо верзија.

И понатаму број еден за паметнo купување

Иако цените сè уште не се објавени, Dacia уверува дека освежената гама ќе ја задржи својата позиција како најдобра вредност за парите во Европа. Само во 2024 година, Sandero беше најпродаван автомобил на континентот, со над 309.000 продадени примероци, од кои две третини се од верзијата Stepway.

Со овој редизајн, Dacia ја потврдува својата филозофија – повеќе автомобил за помалку пари, но со сè повеќе стил, технологија и ефикасност.

Преземено од Автоплус.мк