
Американскиот секретар за транспорт Шон Дафи изјави дека САД подготвуваат план за национална безбедност за да им помогнат на бродовите што минуваат низ Ормутскиот теснец, додека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, исто така, најави придружба на танкери низ тој клучен поморски коридор.
„Мислам дека ќе видите ситуација каде што ќе ги обезбедиме бродовите што минуваат низ Ормутскиот теснец“, изјави Дафи за Фокс њуз, додавајќи дека земјите-партнери исто така ќе бидат вклучени во планот.
„Откако ќе имаме придружба и осигурување на бродови, ќе видите дека нафтата повторно ќе почне да тече“, рече Дафи. На прашањето кога планот би можел да стапи на сила, Дафи рече дека делот за осигурување е веќе воспоставен, додека американската војска ги проценува безбедносните услови за да започне придружбата на бродовите.
„Подготвени сме кога станува збор за осигурување, веќе е подготвено“, рече тој. Додаде дека началникот на Генералштабот на американската армија, генерал Ден Кејн, проценува кога би можела да започне поморската придружба.
„Може да биде за еден ден, може да биде за една недела“, рече Дафи.
Војната меѓу САД, Израел и Иран започна кон крајот на минатиот месец по серија израелски и американски напади врз ирански воени цели. Техеран одговори со ракетни напади врз Израел и американски цели во регионот, а конфликтот се прошири во Либан, каде што Израел ги таргетира позициите на Хезболах.
Ормутскиот теснец, низ кој минува околу една петтина од светската трговија со нафта, е практично затворен за сообраќај на танкери откако ескалираа борбите пред две недели. Нападите врз поморската инфраструктура, заканите од мини и воените операции во областа предизвикаа скок на цените на нафтата и сериозни нарушувања на енергетските пазари.











