
Доколку туристите учествуваат во еколошки активности за време на нивната посета на Копенхаген, ќе бидат наградени со бесплатна храна и активности, соопшти управата на данската престолнина.
Наградите ќе бидат бесплатни ручеци и поевтино изнајмување кајак
Станува збор за пробна кампања, наречена CopenPay (комбинација на зборовите Copenhagen и плати – „to pay“ на англиски јазик), која започнува на 15 јули, а целта е да се намали влијанието на туризмот врз животната средина.
Наградите ќе бидат бесплатни ручеци, кафе или чаши вино, како и поевтино изнајмување кајак.
„Кога патувате во странство, ако летате или одите со автомобил, ја загадувате животната средина“, изјави за Би-Би-Си Рике Холм Петерсен од Туристичката организација во Копенхаген.
„Една од работите што можеме да ги промениме е да ги натераме туристите подобро да се однесуваат кон животната средина“, додаде тој.
Проектот се заснова на доверба
Од градот велат дека проектот е „заснован на доверба“, што значи дека е малку веројатно дека од туристите ќе се побараат докази дека навистина ги извршиле бараните активности.
„За некои атракции, можеби ќе треба да покажете билет за јавен превоз или слика на која возите велосипед“, додава Холм Петерсен.
Градските и државните власти не им плаќаат ништо на организациите кои учествуваат во акцијата, но и покрај ова се пријавија 24 организации.
Тие вклучуваат музеи, барови и кајакарски здруженија.
Според владините податоци, Данска минатата година забележала повеќе од 12 милиони туристички ноќевања.
Сепак, Петерсен предвидува дека „мал процент“ посетители ќе учествуваат во акцијата која ќе трае до 11 август.
Доколку градските власти сметаат дека кампањата е успешна, таа ќе биде продолжена до крајот на годинава.












