Дефицитот на САД за фискалната 2024 година близу 1,9 трилиони долари

75

Буџетскиот дефицит на САД кон крајот на фискалната година се приближува до износот од 1,9 трилиони долари, објави Министерството за финансии, истакнувајќи го скокот на каматните трошоци за повисокиот јавен долг.

Во периодот од октомври минатата година до август годинава, буџетскиот дефицит на САД изнесува 1,897 трилиони долари и е поголем за 24 отсто во однос на истиот период од минатата фискална година, објави во четвртокот Министерството.

Фискалната година на САД завршува во септември.

Независниот институт CBO процени во јуни дека за целата фискална 2024 година буџетскиот дефицит ќе биде 1,9 трилиони американски долари и се чини дека е „блиску до таа сума“, забележува ресорот.

Според проценката на CBO, чии членови се поранешни функционери на централната банка, Министерството за финансии и поранешни членови на Конгресот, тоа би одговарало на 7,0 отсто од бруто домашниот производ (БДП). Во фискалната 2023 година, според нивните пресметки, буџетскиот дефицит изнесува 1,695 трилиони долари, што одговара на 6,3 отсто од БДП.

Скокот на буџетскиот дефицит во првите 11 месеци од фискалната 2024 година е резултат на повисоките каматни стапки, забележува Министерството. Расходите за каматите биле приближно 30 проценти повисоки отколку во истиот период во фискалната 2023 година, на 1,049 трилиони долари.