Дел од маркетите почнаа да ги обележуваат производите кои се намалени

Дел од маркетите веќе почнаа во пракса да ја спроведуваат одлуката на Владата за ограничување на бруто профитните маржи и за замрзнување на цените на дел од производите, која вчера излезе и во Службен весник, со што стана официјална и треба да важи до 30 април годинава.

Иако согласно одлуката од денеска се очекуваше да поевтинат над 1.000 прехранбени и непрехранбени производи во пракса во маркетите не се гледа некое забележително намалување на цените на производите. Маркетите се обврзани соодветно да ги обележат производите за кои се намалени цените со „Помалку трошоци, повеќе за тебе“ или, пак, оние кои имаат замрзнати цени со „Замрзнати цени“, но во дел од маркетите воопшто нема одбележани производи. Поевтини се само производите кои се на акција и тие се различни во секој маркет.

Владата во вторникот на седница донесе одлуки за ограничување на бруто профитната маржа и за утврдување на највисоките цени на одделни производи со што треба да бидат опфатени 102 групи на производи или на над 1.000 прехранбени и непрехранбени производи. Ваквите чекори на Владата уследија по зголемувањето на цените на основните прехранбени производи и по двата бојкота за време на кои граѓаните беа повикани да не пазарат во маркетите.

Со владината одлука, на пет проценти се ограничува бруто профитната маржа на млекото, лебот, брашното тип 400 и 500, јајцата, маслото за јадење, јогуртот и киселото млеко, на 10 отсто месото и преработките од месо, шеќерот, млечните производи, маргаринот, путерот, конзервираниот зеленчук и овошје, гравот, оризот и тестенините, а на 15 отсто средствата за хигиена, свежото овошје и зеленчукот, детергентите, бебешката храна, пелените, сапунот, тоалетната хартија и слично. Одлуката за утврдување на највисоки цени се однесува на осум групи основни прехранбени производи при што како највисока цена ќе се земе онаа што важела на 1 февруари годинава.