Девојка од САД постави нов светски рекорд – со само 21 година го обиколи светот

61

Лекси Алфорд, 21-годишна девојка од САД, стана најмлада личност што ги посетила сите земји во светот. На 31-ви мај заврши нејзината авантура, заклучно со последната земја на листата – Северна Кореја.

Алфорд, чиешто семејство поседува туристичка агенција во Калифорнија, посети вкупно 196 земји. Таа уште како дете заедно со родителите ја имала привилегијата да запознае многу различни земји и култури. Сепак, предизвикот да го надмине Гинисовиот рекорд започна кога видела колку луѓе, особено млади жени ја поддржуваат во нејзината замисла, пишува Forbes.

Таа вели дека токму тоа што била нечија инспирација и помогнало да издржи во тешките моменти кога мислела да се откаже. Во одредени земји не било лесно да се патува, особено поради фактот дека станува збор за млада жена.

Алфорд го заврши средното училиште две години порано и доби диплома од локален колеџ. Наместо да продолжи со школувањето, решава да ја заврши својата патувачка авантура низ светот.

Половина од трошоците ги плаќа од своја заштеда, за којашто работела од свои 12 години, а била вклучена и во неколку кампањи коишто во мал дел ѝ помогнале за проектот. Потоа работела во фамилијарната агенција како консултант и така ги обезбедила дополнителните средства.

Освен тоа, за да може да си го дозволи патувањето низ светот, Алфорд правела многу анализи, наоѓала евтини зделки, отседнувала во мали хостели и креирала и рекламна содржина во замена за сместување.

Она што е интересно е дека технологијата ја користела минимално, а кога сакала нешто да дознае разговарала со луѓето наоколу. Таа моментално пишува книга за нејзиното искуство во која ги споделува лекциите што ги научила.

Фото: Lexie Limitless