Џентилони: Пропаѓањето на СВБ не е директна закана за европските банки

34

Колапсот на американската банка во Силиконската долина -СВБ не претставува директна закана за европскиот банкарски сектор, но неговите индиректни последици треба да се следат, предупреди  еврокомесарот за економија Паоло Џентилони.

-Мораме да ги следиме можните индиректни последици, но во овој момент мислиме дека тие не претставуваат значителен ризик, рече Џентилони.

Европската централна банка (ЕЦБ) будно ја следи ситуацијата, а сите европски банки преземаат соодветни мерки за отстранување на ризикот од слично сценарио, нагласи еврокомесарот.

Влијанието врз вредноста на акциите на европскиот банкарски сектор беше очекувано, но проценката на ризикот од домино ефектот е друга работа, нагласи тој.

-Мислам дека во моментов нема реална опасност од ширење на негативни последици во Европа, рече еврокомесарот.

Американската корпорација за осигурување на депозити ФДИЦ (FDIC) во петокот соопшти дека ја купила СВБ, чие седиште е во Силиконската долина. Банка специјализирана за финансирање стартапи пропадна бидејќи не успеа да ги добие парите изгубени од портфолиото на обврзници со итна докапитализација.