Фолксваген АГ го отпушти шефот за дизајн Клаус Зициора, кој е во компанијата од 1989 година.
Клаус Зициора ја започна својата кариера во Фолксваген како дизајнер на ентериер во 1989 година. Тој стана шеф за внатрешен дизајн во 2000 година и шеф на надворешен дизајн во 2002 година, а пет години подоцна ја презеде функцијата извршен директор на Volkswagen Design и предводеше тим од 600 дизајнери.
Претходниот шеф, меѓу другото, го надгледуваше развојот на Golf од шестата до осмата генерација и новата дизајнерска ера на семејството ID.
Според извештајот, Зициора ќе биде заменет со главниот дизајнер на Porsche, Мајкл Мауер, кој треба да ја преземе функцијата на 1 јануари.
„Клаус ги покажа своите способности како одличен дизајнер и силен тим лидер повеќе од 30 години“, рече извршниот директор на компанијата, Оливер Блуме.
„Тој го дефинираше дизајнот во Volkswagen и ги зајакна нашите брендови за иднината. Сакаме да му се заблагодариме на Клаус за сè што направи и да му посакаме се најдобро во иднина“ – заклучи Блуме.
Иако групацијата VW не ја откри причината за промената, германските медиуми открија дека станува збор за несогласување околу препознатливиот дизајнерски јазик. Извршниот директор Блуме, наводно, постојано го критикувал фактот дека Фолксваген нема унифициран дизајнерски јазик, односно дека различни модели не се дизајнирани и развиени „во едно парче“.
Според извори од VW, моделите на германската групација треба да имаат уникатна, препознатлива униформа.











