Светскиот економски форум (WEF) проценува дека до 2030 година во светот ќе бидат отворени 78 милиони нето-нови работни места бидејќи низ светот се менуваат трендовите во технологијата, економијата, транзицијата кон зелена енергија, демографијата и друго, јавува Анадолу.
Технолошкиот развој, геополитичките и економските тензии и другите притисоци во светот ги поттикнуваат силите да ги обликуваат секторите и работните места низ светот, се вели во извештајот на Светскиот економски форум во врска со иднината на вработувањата за 2025 година.
Низ светот се очекува да се создадат 170 милиони нови работни места, до 2030 година ќе се прераспределат 92 милиони постојни работни места, а 78 милиони се нето-нови работни места.
Некои од најбрзо растечките работни места во светот се во областите поврзани со технологијата, кои вклучуваат позиции за податоци и вештачка интелигенција, а работните места, како разнесувачи на пратки, градежни работници, наставници, медицински сестри, исто така, се очекува да растат, се наведува во извештајот.
Во меѓувреме најбрзо се намалува бројот на работни места на службеници и секретарски позиции, како што се административни асистенти, извршни секретари, службеници во поштенски служби, банкарски шалтери и службеници за внесување податоци, според Светскиот економски форум.
Во извештајот се наведува дека зголемениот „јаз во вештините“ е најголема бариера за трансформацијата на бизнисите.