Добри вести за Србија: Ново одложување на санкциите за НИС

Нафтената индустрија на Србија (НИС) доби трето пролонгирање на примената на санкциите од САД, поради доминантниот руски капитал во оваа компанија.

Овој пат, имплементацијата на санкциите е одложена за цели два месеца, односно до 27 јуни. Крајниот рок на претходно пролонгираните санкции истекува во понеделник – 28 април.

„Добри вести за граѓаните на Србија. Србија успеа да добие ново одложување на санкциите за НИС, овојпат за два месеца, до 27 јуни. Благодарност до нашите американски партнери за разбирањето на ставот на Србија“, напиша Вучиќ на својот Инстаграм профил.

Во средата, фирмата НИС поднесе ново барање до Министерството за финансии на САД за издавање специјална лиценца, со која се пролонгира целосната примена на санкциите, а целта е да се овозможи на компанијата непречено функционирање и по 28 април.