При вчерашната посета на владината делегација предводена од премиерот Никола Груевски на болницата Ангелос во Мексико Сити, договорена е соработка помеѓу македонското здравство и мексиканската здравствена групација.
“Соработката би опфаќала размена на лекари и студиски посети на лекари помеѓу двете страни, односно посета на мексикански лекари на Република Македонија и пренесување на знаења и вештини за медицински третмани по најсовремени методи на своите македонски колеги, како и посета на македонски лекари на болниците од групацијата Ангелос и нивно обучување на истите за третмани и интервенции по модерни методи или пак за интервенции во области кои се дефицитарни со потребен кадар во нашата земја”, се вели во соопштението од Владата.
Болницата Ангелос е дел од здравствената групација Ангелос во чиј состав влегуваат вкупно 23 болници во Мексико, од кои дел се општи, а дел имаат специјализација во поединечни здравствени сфери, и која важи за една од најреномираните и најмоќни здравствени групации, опремена со најсовремени и најмодерни медицински апарати и во која работи врвен здравствен кадар како од Мексико, така и од странски реномирани лекари.
Taa е дел и од Групацијата Ангелос, во чиј што состав влегуваат и над 30 туристички хотели, поголем број на банки, и која е во значителен обем присутна и во бизнисот со медиуми и издаваштво и сопственик на повеќе телевизиски и радио станици и весници. Групацијата Ангелос е основана и е во сопственост на Олегарио Васкез, близок пријател на Карлос Слим.
На средбата со генералниот директор на сите болници во сопственост на здравствената групација Ангелос, д-р Роберт Симон, беше договорено да се започне конкретна соработка во областа на здравството помеѓу македонските здравствени институции и здравствената групација Ангелос.
Во текот на идниот период македонското Министерство за здравство и претставници на здравствената групација Ангелос ќе ги детализираат и конкретизираат сите можности и опции за соработка и планот за нивна реализација и имплементација.
Владината делегација денес ќе присуствува и ќе се обрати на бизнис форум во Мексико Сити, кој се организира во директна соработка со компаниите од бизнис групацијата на Карлос Слим, Мекс Тел, Тел Сел и Американ Мобил.