Доларот во плус втора недела по ред

93

Доларот зајакна во однос на кошничката валути минатата недела, втора недела по ред, бидејќи Банката на Англија повторно ги зголеми клучните каматни стапки. Индексот на доларот, кој го следи движењето на американската во однос на другите шест најважни светски валути, се зголеми за 0,3 отсто минатата недела, на 102,2 поени.

Истовремено, курсот на доларот во однос на европската валута зајакна за речиси 0,1 отсто, па цената на еврото се лизна на 1,1010 долари. Доларот исто така порасна во однос на јапонскиот јен, за приближно 0,1 отсто, на 141,85 јени. Јакнењето на доларот е резултат на шпекулациите дека американската централна банка би можела да ги зголеми каматните стапки уште еднаш до крајот на годината и да ги задржи на покачени нивоа подолго од очекуваното.

Имено, сите најнови податоци покажуваат дека американскиот пазар на труд и понатаму е силен, што би можело да поддржи натамошен раст на потрошувачката, а со тоа и повисока инфлација. Сепак, растот на вработеноста е забавен. Во јули, бројот на вработени во САД се зголеми за 187.000, помалку од очекуваните 200.000. Дополнително, надолу се ревидирани и податоците од претходните месеци.

Но, стапката на невработеност се лизна на 3,5 отсто, додека просечната саатница е зголемена за 0,4 отсто во однос на претходниот месец, па на годишна основа е зголемена за 4,4 отсто, повеќе од очекуваното. Томас Баркин, претседател на филијалата на ФЕД во Ричмонд, минатата недела изјави дека инфлацијата останува превисока, иако најновите податоци покажуваат дека ценовните притисоци се намалуваат.

Слична е ситуацијата и во Европа. Затоа минатата недела британската централна банка повторно ги зголеми клучните каматни стапки за 0,25 процентни поени, на 5,25 отсто, и рече дека сѐ уште високата инфлација значи дека каматните стапки би можеле да останат покачени некое време.

Одлуката на агенцијата Фич да го намали кредитниот рејтинг на САД од највисокото ниво на ААА на АА+ не влијаеше значително на девизниот пазар и на курсот на доларот.