Донации на Сивус во Македонија и Танзанија

64

1Следејќи ја традицијата да носи насмевки и искрена радост за време на празниците, софтверската компанија Сивус и оваа година организираше повеќе донаторски акции, во Македонија и во Танзанија.

Со донација од 84.000 денари, Сивус ги помага младинците од СОС Детското село, Скопје, со цел да се оствари една од нивните најголеми желби – патување на Светското првенство во фудбал за лица во грижа и деца без родители, кое ќе се одржи на пролет во Варшава, Полска и ќе вклучи младинци и деца од цела Европа и волонтерската поддршка во континуитет во период од една година, со цел унапредување на нивното образовно ниво.
Оваа донација Сивус повторно ја организира како замена на традиционалната размена на подароци со своите клиенти за време на новогодишните и божиќни празници.

“И оваа година на нашите клиенти и партнери им подаривме можност да донесат радост и да дадат помош на оние на кои тоа најмногу им е потребно, на начин што дониравме во нивно име”, вели Бранка Бугариска, маркетинг менаџер во Сивус.

Празничната магија им беше донесена и надецата од Центарот за згрижување деца од улица од Шуто Оризари. Сивус ги отвори вратите за децата, кои преку својата посета имаа можност да го продаваат магазинот “Лице в лице”, како и посебно дизајнирани новогодишни картички. Претставници од компанијата исто така го посетија Центарот и на децата од улица им подарија пакетчиња, храна, облека, и играчки.

2

“До нас стигнаа и дел од нивните детски новогодишни желби, кои ги оставија на нашата новогодишна елка. Заедно со вработените во компанијата решивме да им ги исполниме овие едноставни, а големи желби”, објаснува Бугариска. “Ги купивме подароците кои ги поскаа, но и организиравме собирање на облека, играчки и храна, и заедно со подароците им ги однесовме на децата. Децата беа навистина восхитени и многу радосни”, додава Бугариска.

Новогодишната магија Сивус ја испрати и во Танзанија. Во името на своите странски партнери и пријатели, Сивус донираше средства со кои ќе се помогне изградбата на Mama Azinael Hostel Bangalala за престој на ученичките од средното училиште во Бангалала, Танзанија.

“Со секоја донација и помош по една искрена насмевка се раѓа. Честа тие насмевки да ги чуваат и да ги направат вечни им ја подаривме токму на нашите партнери и пријатели”, изјавува Васил Гоцевски, Оперативен директор на канцеларијата во Шведска, преку која се реализираше донацијата во Танзанија.

Овие донации се дел од програмата за општествена одговорност на Сивус, во која се активно вклучени и самите вработени. Во текот на изминатата година компанијата донираше неколку десетици илјади евра помош за маргинализираните групи во повеќе земји.

3