Достапен грант до 15.000 евра преку бескаматната линија Ковид 4 вредна 10 милиони евра

196

Грант средства до 15.000 евра ќе добијат фирмите од областа на туризмот, угостителството, инвент-индустријата, приватните здравствени установи, трговците поединци и занаетчиите доколку вработат нови работници и ги зголемат приходите годинава.

Ова е предвидено со новата бескаматна линија Ковид 4 која е дел од петтиот пакет мерки, а за која ќе може да се аплицира откако ќе биде објавен јавниот повик кон крајот на следниот месец.

За мерката се одвоени вкупно 615 милиони денари или 10 милиони евра од Буџетот кои ќе се пласираат преку Развојната банка. Висината на поединечните кредити ќе изнесува од 3.000 до 30.000 евра.

“Условите на оваа линија се направени така да ги наградуваат успешноста во работењето на фирмите, инвестициите и проширувањето на капацитетите. Ковид 4 линијата предвидува грантови за успешност во случај доколку фирмите ги зголемат вкупните приходи за 2021 година за најмалку 10% споредено со 2020 година. Тогаш ќе имаат право да побаруваат грант до 30% од кредитот или во случај доколку го зголемат бројот на вработени во 2021 година за најмалку 5% тогаш ќе можат да побаруваат грант од 20%. Доколку пак се исполнат и првиот и вториот услов, кредитокорисникот може да оствари право на грант од 50%“, појасни министерот за финансии, Фатмир Бесими на денешната прес-конференција во Владата.

Вкупната сума на грантот може да биде од 600 евра како минимален износ до 15.000 евра како максимален износ. Рокот на отплата на кредитите е до 42 месеци со грејс период од 12 месеци, додека отплатата на кредитот ќе се врши квартално по 10% од главнината.

Бескаматната линија Ковид 4 е наменета за микро, малите и средните претпријатија кои имаат до 250 вработени. Средствата се наменети за компании од туризмот, угостителството, ивент индустријата, транспортот, приватните здравствени установи, трговците поединци и занаетчиите кои имаат пад на приходите од најмалку 30% и капитал и резерви не помалку од 33% од износот на бараниот кредит.

Износот на кредитот кој ќе може да го користи одреден субјект ќе зависи од бројот на вработени во јануари, февруари или март 2021 година и падот на приходите во 2020 во однос на 2019 година. Субјектите кои имаат пад на приходите меѓу 30 и 50 проценти, ќе можат да користат кредит по 15.200 денари по вработен, додека субјектите кои имаат пад на приходите повеќе од 50%, ќе може да користат кредит по вработен од 22.000 денари, појасни директорот на Развојната банка, Кире Наумов.

Корисниците на оваа бескаматна линија не можат истовремено да ја користат и мерката за финансиска поддршка за исплата на плати од петтиот пакет, како и корисниците на Ковид 3 линијата. Корисниците на Ковид 1 и Ковид 2 можат да бидат корисници на оваа бескаматна линија само доколку ги подмириле сите досегашни обврски по основ на претходните кредити.

Со претходните три бескаматни линии инјектирани се 44,1 милиони евра во стопанството. Поддржани се 4.078 фирми во кои се вработени 36.802 лица. Со последната бескаматна линија Ковид 3 воведена е грант компонента за микро и мали претпријатија раководени од жени, млади претприемачи, субјекти кои извезуваат или се дигитализираат.

Фото: Pixabay