Due Diligence на човекови права во компаниите

53

dvogled

Фото: Pixabay

Во претходната колумна пишувавме за Политика по човекови права, како почетна алатка за примена на Водечките принципи по бизнис и човекови права. Следен, а воедно и централен сегмент на овие принципи е спроведување на due diligence на човекови права во компаниите. Процесот на due diligence на човекови права треба да вклучи: утврдување на постоечки и потенцијални влијанија по човекови права; интегрирање и делување согласно анализите; следење, и информирање како компанијата ги почитува човековите права. Ако компанијата утврдила дека предизвикала или допринела до негативно влијание врз човековите права, тогаш е во обврска да се справи со овие влијанија преку овозможување на засегнатите страни на ефикасен правен лек.

При спроведување на due diligence неопходно е да се утврди дали компаниите (а) причиниле, (б) придонесуваат или (в) директно се поврзани со влијанието врз човековите права преку нивните бизнис односи.

(а) Причинува: Во зависност од приликите, идентификувани се неколку области преку кои компанијата може да причинува негативни влијанија по човековите права, и тоа:

  • Производниот процес;
  • Продуктите или услугите што ги нуди;
  • Условите на работење и вработување;
  • Обезбедување на луѓето и имотот;
  • Политички активности на компанијата и др.

(б) Допринесува: Компанијата може да допринесува на начинот на кој се почитуваат човековите права преку:

  • Влијанијата врз човековите права на други ентитети (соизвршителство); и
  • Влијанието на компанијата врз засегнатите лица во комбинација со трети лица.

(в) Преку бизнис односи: Ова опфаќа односи со бизнис партнери, подизведувачи, консултанти и слично, под услов да постои директна врска помеѓу негативното влијание по човековите права и бизнис операциите на компанијата, нејзините продукти и услуги. За компаниите да спречат да бидат поврзувани со повредување на човековите права, треба да внимаваат одредбите од договорите што се поврзани со стока, услуги, позајмување на возила и опрема да се во согласност со меѓународното право по човекови права. Треба да ги анализираат ентитетите со коишто работат за да утврдат дали компанијата може да допринесува или биде поврзана со штета што ја причинуваат тие ентитети.

Due diligence на човекови права во компанијата ќе варира во зависност од големината на компанијата, ризикот дека таа предизвикува сериозни повреди на човековите права на засегнатите лица, како и природата и контекстот на операциите.

Процесот е постојан бидејќи ризиците по човекови права може да се сменат во зависност од менувањето на операциите на компанијата и контекстот во кој што работи.

Неопходно е компаниите да бидат свесни за географскиот, историскиот, политичкиот и културниот контекст каде што водат бизнис со цел да ги идентификуваат предизвиците што овој контекст ги носи. Вакви информации се добиваат од извештаи од владини и невладини организации, меѓународни тела и други извори.

Постои консензус меѓу истражувачите и практичарите во оваа проблематика дека процесот на due diligence треба особено внимателно да се спроведува од оние компании што извезуваат или водат бизнис во земји каде што националните закони не се во согласност со меѓународните стандарди, каде примената на законите е слаба и каде е општо познато дека човековите права се прекршуваат.

Во следната колумна ќе го обработиме првиот чекор во спроведување на due diligence и тоа идентификување и утврдување на ризиците и влијанијата по човекови права. До тогаш ви предлагаме да го консултирате Human Rights & Business Learning Tool како извор на подетални информации за due diligence на човекови права во компаниите.

Автор: Ана Дангова Хуг – INTER PARTES Skopje