Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори, Фатмир Битиќи и директорот на Фондот за Иновација и Технолошки развој Коста Петров, денеска го промовираа јавниот конкурс за старт-ап и спин-оф компании Стартапувај 3.
Вицепремиерот Битиќи соопшти дека со овој конкурс ќе бидат овозможени два милиони евра неповратни средства финансиска поддршка за македонскиот старт-ап систем.
“Целта на овие повици е трансформацијата на старт-ап екосистемот, и создавање на еден конкурентен и силен систем којшто ќе има огромно позитивно влијание на домашната економија и ќе допринесе за нејзина интернационализација“, нагласи Битиќи.
Вицепремиерот се осврна на потенцијалот којшто Владата на Република Северна Македонија го препознава во старт-ап бизнисите и кон целата поддршка којашто досега им е дадена.
“Владата на Република Северна Македонија гледа навистина голем потенцијал во идеите на младите и иноватни луѓе, а доказ за тоа се и досегашните 305 поддржани старт-ап компании со инвестиција од над 17 милиони евра. Како Претседател на новооформениот старт-ап Совет, со голема гордост учествувам во сите проекти кои ги развиваме, со цел да ги олесниме условите за создавање на сопствен бизнис во нашата земја. Целта на постоењето на Советот е токму во тоа, да ги разгледаме сите потенцијални предизвици коишто можат да се надминат и модифицираат, и да се создадат најповолни услови и околности за инвестирање во нашата земја“, потенцираше вицепремиерот.
Еден од главните предизвици на работата на страт-ап Советот е развивањето на подобри регулативи, преку создавање нови и ажурирање на постојните прописи и создавање на платформи кои ќе ги намалат трошоците за старт-ап компаниите и ќе ги олеснат административните процедури.
“Така, Законот за иновациска дејност, кој е креиран според новите трендови, и кој за прв пат ќе ги вклучува и бизнис ангелите, во рамките на своите одредби, а на тој начин ќе обезбеди подобар пристап до финансиите и подобар ангажман на корпорациите и нивните инвестициски фондови во македонскиот стартап еко систем. Истовремено, ние сме посветени и на привлекување дигитални номади и нашата намера е да создадеме адаптирани законски измени и погодни услови за престој и работа на странците во нашата земја. Ова би било од голема корист за економијата на земјата, бидејќи заработениот приход на странците ќе се потроши во Република Северна Македонија, придонесувајќи за растот на домашната економија. Исто така, сакам да посочам дека пред само една недела, Владата донесе одлука за формирање работна група за подготовка на Национална стратегија за вештачка интелигенција, на која гледаме како дел од планот за економски развој на Република Северна Македонија“, заврши Битиќи.
Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Коста Петров имаше детална презентација на јавниот конкурс, пришто посочи дека ова е веќе трет по ред јавен повик од овој вид, во кој се воведени важни новитети, кои значително ги подобруваат условите за аплицирање и го олеснуваат пристапот до финансиски средства за старт-ап и спин-оф компаниите.
“Целта на сите овие промени е да им го олесниме патот на компаниите кои имаат потенцијал да реализираат иновативни бизнис идеи. Поддршката преку овој повик е наменета на проекти кои имаат најмалку потврден концепт и јасна амбиција за комерцијализација, како и проекти кои се во фаза на потврден концепт до преткомерцијална (претпазарна) фаза“, рече директорот на ФИТР.
Петров нагласи дека за прв пат, на овој повик може да аплицира и тим кој се состои од најмногу пет членови – физички лица. Во овој случај, Апликантот е обврзан во рок од 30 календарски дена по прием на Известувањето за селекција на предлог проектот, да основа трговско друштво во кое како основачи ќе се јавуваат најмалку 51% од членовите на тимот. Правилникот со сите информации е веќе објавен на веб страната на Фондот.
“Во однос на активностите кои ќе бидат одобрени за финансирање, некои од оние кои ги поддржуваме се за истражување и развој, развој на пилот линии, производ или услуга, активности за тестирање и валидација, активности за тестирање на пазарот и други. Во делот на подобни трошоци, во интерес на времето ќе издвојам само неколку од нив, а тоа се бруто плати за лица кои се или ќе бидат вработени кај корисникот, набавка и/или изнајмување на опрема и потрошни материјали за истражување и развој, како и поддоговорни услуги за истражување и развој“, рече Петров.
Директорот на ФИТР нагласи дека за прв пат на јавниот повик Стартапувај, добиените средства ќе бидат неповратни, што претставува уште еден сериозен поттик и олеснување за македонските стартапџии да добијат шанса за реализација на нивните проекти.
“Фондот ќе обезбеди до 40.000 евра (до 90%) од вкупниот буџет на проект за трговски друштва до 3 години постоење, односно до 60.000 евра (85%) од вкупниот буџет на проект за трговски друштва со над 3, а помалку од 6 години постоење. Преостанатиот износ од 10% односно 15% од вкупниот буџет за проектот ги обезбедува Апликантот”, додаде директорот.
Покрај финансиската поддршка, на сите креативни и иновативни старт-ап компании кои ќе аплицираат на овој јавен повик, Фондот нуди и дополнителна поддршка, преку нивните партнери. Со соработката со НЛБ Банка и Силк Роуд Банка, на компаниите им стојат на располагање повеќе кредитни производи и услуги по привилегирани пониски каматни стапки од редовните.
“Нашата држава има причина да се гордее со фактот дека Фондот за иновации и технолошки развој пред една недела стана првиот стратешки партнер за Amazon Web Services за Северна Македонија, со што на корисниците на ФИТР, особено стартапите во државата им се достапни кредити во износ до 10.000, 25.000 се до 100.000 долари“, рече директорот на Фондот пришт додаде дека ќе продолжи праксата за овозможувањена менторска поддршка за сите стартап и спин-оф компании, во фазата на подготовка, развој и реализација на идеите.
Директорот на ФИТР посочи дека веќе од утре ќе започнат инфо сесиите во рамките на кампањата #45ДенаСтартапувај, пришто во наредните 45 дена сите заинтересирани ќе имаат можност да ги слушнат советите, на некои од најупешните претприемачи и експерти во државата.
На јавниот конкурс Стартапувај 3, сите заинтересирани старт-ап и спин-оф компании ќе може да аплицираат во наредните 45 дена се до 12-ти јуни 2021 година, до 14 часот, а целата проектната документација и начинот на аплицирање се целосно достапни на веб страницата: https://www.fitr.mk/startapuvaj3/.