Два популарни модели на Мерцедес заминуваат во пензија

37

Производството на Мерцедес А-класа и Б-класа ќе биде суспендирано во 2025 година, според извештајот на германскиот весник Handelsblatt. Според нивните информации, добиени од неименуван извор, управниот одбор на Мерцедес одлучил сегашните генерации на овие два компактни модели да бидат последни.

Според овој извештај, четвртата генерација на А-класата, која беше претставена во 2018 година, ќе се произведува во хечбек и седан издание до 2025 година. Не се планира наследник, пишува весникот од Дизелдорф.

Handelsblatt, исто така, објави дека технолошки многу сличната Б-класа ќе се повлече во 2025 година. Одлуката за прекин на производството на А и Б-класата е донесена поради желбата на Мерцедес да го зголеми бројот на електрични модели, но и да го смени фокусот на полуксузни и скапи модели кои носат поголем профит.

Сепак, германскиот производител нема целосно да се откаже од сегментот на компактните автомобили. Планирани се наследниците на моделите CLA (и CLA Shooting Brake), GLA и GLB. Според одредени информации, постои можност новите верзии на овие три модели да бидат префрлени од сегашната платформа MFA, во целосно нова MMA архитектура.

ММА платформата е дизајнирана да овозможи хибриден и целосно електричен погон, а автомобилите поставени на неа ќе имаат и нов оперативен систем MB.OS.

Мерцедес се уште официјално не објавил крај на производството на А и Б-класата, но навеле дека новата платформа за компактни автомобили ќе ја користат четири модели, наместо досегашните седум.