Две европски земји ја забрануваат продажбата на возила со фосилни горива по 2035 година

61

Франција и Шпанија во четвртокот се приклучија на иницијативата за забрана на продажба на бензински и дизел возила по 2035 година – пет години порано од претходниот план – како дел од напорите да се забрза транзицијата кон економија со ниска потрошувачка на јаглерод.
Двете земји го дадоа своето ветување на климатските разговори COP27 во египетскиот град Шарм ел Шеик. Така Франција и Шпанија се најдоа во групата нови потписници на Декларацијата за возила со нулта емисија (ZEVD), лансирана на минатогодишната конференција во Глазгов.

Потписниците – кои вклучуваат држави, локални заедници и компании – се обврзаа на 100 проценти продажба на возила со нулта емисија до 2035 година на водечките пазари и до 2040 година во светот.

Вкупниот број на потписници на таа декларација сега е 214, наспроти 130 една година порано.

Податоците објавени од Блумберг покажуваат дека 2022 година ќе биде рекордна за продажба на возила со нулта емисија, при што електричните возила ќе учествуваат со 13,2 отсто од вкупната продажба во првата половина од годината.