EarthCam – преноси од стотици веб-камери ширум светот

63

Јавните камери повеќе не се невообичаени, а има и завиден број на услуги кои ви овозможуваат лесно да најдете и гледате преноси во живо од камерите лоцирани низ целиот свет. EarthCam е една од најпознатите услуги од ваков вид, која нуди и апликација за веб-камери за паметни телефони и таблети со избрани стримови и камери.

Преку оваа апликација, во секое време е можно виртуелно да патувате до најоддалечените дестинации во светот и да гледате пренос во живо, но и да ѕирнете на некои можеби неочекувани места. Достапните камери се подредени по азбучен ред, а има и опција за пребарување, па затоа е многу лесно да се снајдете.

Покрај преносите во живо, кои честопати може да бидат недостапни, обично можете да видите слики направени во одреден момент. Има и пригодно направена мапа со јасно посочени локации на камерите, така што е многу лесно да се „скокне“ каде било во светот, односно на една од повеќе од 175 локации каде што се поставени камерите кои припаѓаат на мрежата на EarthCam.

Треба да се има предвид дека само до камерите на EarthCam може да се пристапи преку апликацијата, додека другите јавно достапни камери може да се најдат преку официјалната веб-страница. Дополнително, во апликацијата најмногу се застапени САД и мал дел од Европа, но доволно за виртуелно да се посетат некои од најинтересните дестинации.

Самата апликација е бесплатна, но не обезбедува пристап до сите достапни камери. Згора на тоа, има многу малку од нив достапни во бесплатното издание, а за да се пристапи до сите камери, потребно е да се плати годишна претплата од пет долари (со ова се избегнуваат и рекламите).