EBAN Winter University 2016: Во Загреб доаѓаат 400 инвеститори и 100 стартапи

7

zg

Град Загреб и Хрватската мрежа на бизнис ангели (CRANE) ќе бидат домаќини на најголемата европска конференција на бизнис ангели и инвеститори EBAN Winter University 2016, која ќе се одржи на 29 и 30 ноември.

Салата Ватрослав Лисински ќе биде местото каде ќе се соберат околу 1.700 учесници, од кои 400 инвеститори и бизнис ангели и 100 стартапи од целиот свет. EBAN Winter University се одржува еднаш годишно, а во ноември Загреб ќе биде центарот каде ќе се одржи оваа најголема европска конференција на бизнис ангели.

Во рамките на конференцијата ќе се одржи Zagreb Connect, натпревар на стартапи. Освен награда од 50.000 евра и менторство од реномирани бизнис ангели и инвеститори, победникот ќе има можност да отпатува во Тел Авив и да се запознае со израелската старт – ап сцена.

Некои од гостите говорници што ќе се обратат на конференцијата се Брус Дикинсон од бендот Iron Maiden, претприемач, Јохан Хансман, најдобар европски инвеститор за 2015, Питер Коули, бизнис ангел на годината 2014/15 во Велика Британија, Алисон Рено од NASA, Дов Моран, пронаоѓачот на USB стикот и основач на M-Systems, Лоренцо Грималди од Sony, Сандро Мур, основач на Bellabeat, Хрвоје Прпиќ, основач на Trillenium, Даворин Штетнер од CRANE, Бајбарс Алтунташ, потпретседател на EBAN и многу други.

EBAN (European Business Angel Network) е пан-европски претставник на заедницата инвеститори во бизниси што се во рана фаза од развојот и брои преку 250 организации членки и преку 20.000 инвеститори во 59 земји. Основана е во 1999 година од група мрежи на бизнис ангели во Европа, во соработка со Европската комисија и EURADA. EBAN игра важна улога во иднината на Европа, во поглед на финансирањето на малите и средните претпријатија.

Дел од интернационалната мрежа на бизнис ангели EBAN е и Клубот на Бизнис ангели на ЦЕЕД Македонија. CEED Macedonia Business Angels Club (CEED BA Club) е формиран како подклуб на членовите на CEED Business and Learning Club – Gold, во ноември 2013 година и е меѓу првите клубови од ваков вид во Македонија. Првите бизнис идеи пред членовите на клубот беа презентирани на 2 април 2014 година.