Еден од најголемите пиратски сајтови е затворен

43

Антипиратската Алијанса ACE, по долготрајна борба успеа да го затвори сајтот Extreme Download, кој постоеше околу 15 години и бележеше околу 15 милиони посетители месечно.

Најголемата светска асоцијација за борба против пиратеријата, Alliance for Creativity and Entertainment (ACE) објави дека успеала да го исклучи еден од најголемите светски сервиси за преземање нелегално добиени содржини Extreme Download (Extreme-Down.com). Оваа услуга беше втора најпопуларна пиратски веб-страница во Франција, од каде беше иницирана акцијата за нејзино затворање.

Extreme Download постоеше околу 15 години и долго време се спротивставуваше да биде исклучен. Тие често ги менуваа домените, избегнуваа блокирање на француските интернет провајдери и деиндексирање од Google и на крајот „спаднаа“ кога беше откриен главниот оператор на страницата. Тој беше идентификуван како Тунижанец, кој управуваше со локацијата од Хоумт Соук на тамошниот остров Џерба. Откако бил откриен, сопственикот на страницата ги предал сите свои домени на здружението ACE.