Високите цени на енергијата, прекините во синџирите на снабдување и новата американска шема за субвенционирање која се заканува да ги оддалечи инвестициите од Европа може да принуди една од четири компании да ја напушти Германија, изјави извршната директорка на Федерацијата на германската индустрија, Тања Гонер.
Високите цени на енергенсите и слабата економска активност силно влијаат на германската економија и им ставаат голем товар на нашите компании во споредба со другите земји во светот“, изјави Гонерова за весникот „Велт“.
Таа истакнува дека германскиот бизнис модел е „под огромен притисок“, додавајќи дека „секоја четврта германска компанија размислува да го пресели производството во странство“.
Ваквиот став е поттикнат од растот на цените, прекините во синџирите на снабдување, последиците од исклучувањето и блокадата во Кина поради пандемијата, како и од Законот за намалување на инфлацијата во САД.
Овој сојузен закон ослободува милијарди долари субвенции за нови технологии и одржлив раст на американската економија, а Федерацијата ја гледа иницијативата како сериозен ризик за германската индустрија.
Нацрт-законот, кој беше потпишан од американскиот претседател Џо Бајден во август, предвидува 300 милијарди долари за намалување на дефицитот, како дополнение на 369 милијарди долари за финансирање за енергетска безбедност, вклучувајќи даночни кредити за електрични возила произведени во САД и субвенции за американските потрошувачи.
ЕУ смета дека тој закон е „дискриминаторски“ за стоките увезени во САД.
Францускиот претседател Емануел Макрон исто така го критикуваше пакетот, нарекувајќи го непријателски и неконзистентен со одредбите на Светската трговска организација.
Претходно беше објавено дека околу 7,3 милиони домаќинства во Германија се соочуваат со огромно зголемување на цената на струјата од 1 јануари.











