Mојата визија беше јасна: Верував дека треба да се ослободиме од вештачкто во облеката. Верував во неутрални бои.
Џорџо Армани не е само познат дизајнер на облека. Откако го лансираше својот бизнис во средината на 70-тите, модната империја не престанува да расте.
Денес Групацијата Армани дизајнира, произведува, дистрибуира и продава висока мода, облека за широка потрошувачка (ready-to-wear), производи од кожа, чевли, часовници, накит, додатоци, очила, козметички производи и покуќнина.
Познатиот бренд ги продава своите производи под неколку суб-брендови, како што се Giorgio Armani, Armani Collezioni, Emporio Armani, AJ-Armani Jeans, AX- Armani Exchange, Armani Junior и Armani/Casa.
Во јули 1975 Армани и неговиот пријател Сергио Галеоти станаа бизнис партнери и ја основаа компанијата Giorgio Armani S.p.A. Првата колекција беше линија облека за мажи и своето деби го имаше истата година. Следната година беше лансирана и колекција за жени, која исто така наиде на добар прием кај луѓето.
Неговите дизајни станаа многу популарни во Европа, но на Армани му требаа уште неколку години за истите да бидат препознаени и на американскиот пазар. Парчиња од неговата линија за мажи ги носеше Ричард Гир во популарниот филм Жиголо, како и Дон Џонсон во серијалот Пороците на Мајами, што придонесе облеката на дизајнерот да стане надалеку прочуена.
Во 1985 неговиот личен пријател и бизнис партнер Галеоти ја изгуби борбата со сидата, што за Армани беше голем и тежок удар, но и стремеж да работи уште повеќе.
Како што одминуваа годините, модната империја на италијанскиот дизајнер се ширеше се повеќе. Така во 1989 Армани го отвори својот прв ресторан. Дури ни проблемите со законот не можеа да го забават вредниот и амбициозен дизајнер.
Во 1996 тој доби само условна казна откако се изјасни виновен за подмитување италијански даночни службеници во 1989 и 1990 година.
Успешната приказна за Џорџо Армани продолжи да се испишува, па така до крајот на 90-тите брендот поседуваше повеќе од 2000 продавници ширум светот, а годишата заработка изнесуваше околу две милијарди долари.
Неговата компанија продолжи да го збогатува својот асортиман на производи со покуќнина и издаваштво. Линијата на козметика на Армани беше лансирана во 2000 година, а во 2005 првата колекција на висока мода.
Последните проекти на дизајнерот вклучуваат ресторани и хотели. Во 2010 беше отворен првиот хотел во Дубаи со потписот на Армани, а планирани се уште неколку во светските метрополи.
Интересни факти
Џорџо Армани никогаш не запалил цигара.
Тој е посветен на вегетаријанската исхрана.
Секое утро, без исклучок, во 7 часот вежба во својата приватна сала за вежбање.
Доколку би можел да направи се одново, Армани не би бил моден дизајнер, туку филмси режисер.
Во младоста кратко време се занимавал со боди билдинг.
Неговата модна империја, која има годишни приходи од неколку милијарди долари, е целосно на негово име и тој располага со сите средства како единствен сопстеник.
Неколку членови од неговата фамилија работат за него, неговата сестра Росана и двете негови внуки Силвана и Роберта.
Од работното портофолио на Армани
Giorgio Armani
Машка и женска облека за широка потрошувачка, модни додатоци, очила, козметика и парфеми.
Emporio Armani
Висока мода, облека за широка потрошувачка и модни додатоци.
Armani Collezioni
Елегантна линија на облека наменета за повозрасни луѓе, професионалци.
Armani Jeans
Облека во чија основа е тексасот како материјал. Колекцијата е со малку поживи бои, нетипично за Армани.
Armani Exchange
Познат по своите провокативни кампањи при рекламирање на модните производи.
Armani/Casa
Стилизирана колекција на софистициран мебел, лампи, постелнина и прибор за јадење.
Armani Cosmetics
Колекција на производи за убавина: шминка, парфеми, тоалетни води за мажи и производи за него на кожа. Произведени и дистрибуирани од компанијата L’Oreal која соработува со модната империја Армани.
Џорџо Армани поседува 14 Emporio Armani и Armani Jeans кафулиња низ светот, Armani бар во Хонг Конг, два ресторани NoBu & Prive, слаткарница Armani Dolci, книжара Armani Libri, како и цвеќара Armani Fiori.