Ефективен фидбек – подобар тим

624

mislenje-pixabay

Фото: Pixabay

Фидбек (повратна информација) може да се дефинира како процес преку кој се споделува дел од искуството и знаењето со цел да се усовршат вештините на целиот тим.

Кај фидбекот, комуникацијата се одвива во две насоки, имаме давање и примање на информација, каде двете страни учат една од друга.

Со самото тоа се добива повеќе знаење, а резултатот е поефикасен и подобар тим во сите сегменти.

Фидбек за секоја мала победа

Луѓето најмногу го очекуваат фидбекот откако ќе постигнат позитивен резултат и кога сè уште има место за подобрување. Напредокот им ја дава потребната доверба за да размислат за нови пристапи. Добрата работа треба да се пофали, но и да се даде конструктивна забелешка.

Изоставете го фидбекот по големите успеси

Кога тимот ќе постигне голем успех, она што треба да следува е прослава. Во тие моменти давање на било каков фидбек не е потребно.

Без фидбек и по големите загуби

Било каков коментар по големи неуспеси и загуби е залуден. Потребно е да помине време, секој на свој начин да ја “прежали” сторената грешка. Дури потоа треба да дојде на ред конструктивен фидбек и забелешки.

Започнете со искрен комплимент

Ако ја започнете комуникацијата на ваков начин, автоматски создавате “сигурна средина” во која другата личност ќе има желба да размисли за нови идеи. Потоа треба да следува не-критикувачко прашање кое ќе помогне за самоевалуација.

Пред да дадете фидбек, слушајте внимателно

Слушајте вимателно и обидете се да се ставите на негово/нејзино место. На тој начин ќе може подобро да го цените нивното искуство и да го разберете нивниот поглед кон работите што им помага да ја добијат вистинската желба за учење.

Нападнете го однесувањето, не личноста

Кога давате конструктивен фидбек, тоа нека биде во насока на менување на однесувањето на личноста. Причината за ова е едноставна – да натерате некого да направи нешто поинаку е тешко. Но, да ја натерате личноста да го смени својот карактер, да биде нешто што не е, е невозможно.

Не ги акумулирајте критиките

Понекогаш е тешко да се даде фидбек и затоа се прибегнува кон акумулирање на коментарите, чекајќи го вистинскиот момент. Тоа може да биде премногу за личноста кон која ќе бидат упатени критиките и голема е веројатноста да предизвикаат дефанзивно однесување и негативен ефект.

Бидете јасни

Од голема важност е да бидете јасни во коментарите. Со тоа точно ќе се дефинира што е добро, а што не. Така ќе го охрабрите тимот и самиот да биде јасен и концизен кога треба да даде фидбек.