Ефикасно решение како да се намали сметката за електрична енергија

31

usВо петокот се одржа еднодневен Иновативен камп – натпревар на средношколци во претприемачки вештини во организација на Џуниор Ачивмент Македонија, дел од глобалната мрежа Junior Achievements Worldwide. Програмата во Македонија е поддржана од УСАИД. Натпреварот е дел од програмата за Ученички компании, што ќе се спроведува во средните училишта во текот на целата учебна година.

Големиот интерес од вкупно 140 пријавени средношколци од 28 средни училишта од земјава е одличен доказ дека надоаѓачките генерации сакаат да ја пробаат својата шанса за професионален успех во Македонија со што би се намалил одливот на млади сили од земјава. Учениците беа поделени во тимови од шестмина и добија задача да осмислат производ или услуга што ќе придонесе за енергетска ефикасност во заедницата. Секоја група беше задолжена да осмисли бизнис план за својата компанија и да го презентира пред жири комисија и пред останатите, како замислува да ја реализира својата идеја, која би имала широка употреба во корист на општеството.

Учениците ги воодушевија присутните со своите иновативни решенија од прочистувачи за воздух, микро контролори за заштедување на електрична енергија, преку идеи за производство на економични светилки, клима уреди на соларни колектори, до батерии на соларна енергија, модуси за рециклирање на пластика и хартија и иновативни идеи за создавање на био гориво од растително потекло.

За само пет часа сите групи успеаја да осмислат бизнис планови, а имаа само неколку минути за нивна презентација.

На крајот од настанот жири комисијата, иако мораше да прогласи еден победник, на присутните ученици им се обрати со зборовите дека се сите победници и дека оваа шанса треба да им биде одличен стимул да продолжат понатаму да го доразвиваат претприемачкиот дух во себе, кој еден ден ќе можат и во пракса да го покажат.

Едногласно, комисијата одлучи првото место да им го додели на групата 4 и учениците: Викторија Димитриевска (Скопје), Дарио Петроски (Скопје), Ирена Илиева (Струмица), Надица Крстева (Кавадарци), Ахмеда Мустафова (Берово) и Никола Петрески (Охрид).

Нивната компанија која нуди услуга во вид на апликација, може да им помогне на сите кои сакаат да купат нов електричен производ, за поволна цена, а едновремено да ја намали и сумата на нивната сметка за електрична енергија. Апликацијата има за цел да ги подредува електричните производи по најмала потрошувачка на електрична енергија и со тоа да придонесе за енергетската ефикасност во заедницата, а и семејниот буџет, заштедувајќи електрична енергија.

“Производите во апликацијата ќе бидат подредени од производи со најмала потрошувачка на енергија, до оние со најголема. Клиентите ќе можат да ја изберат најповолната цена за својот буџет, со тоа што ќе има поле, каде што ќе се внесува буџетот со кој што располагаат. Второстепената намена, покрај услугата за пронаоѓање на производ со најмала потрошувачка на електрична енергија е и онлајн нарачка на производот или локацијата од каде може директно да го купат избраниот производ“, велат победниците.

Втората награда припадна на група ученици со бизнис план за самоодржливи возови и третата награда на ученици со бизнис идеја за еколошко производство на обновлива енергија.

Во своето обраќање до учениците, директорот на канцеларијата за развој на УСАИД, Едвард Гонзалез, го изрази своето огромно задоволство за успешно реализираниот натпревар и рече: “УСАИД е посветен на работа со младите во Македонија. Џуниор Ачивмент е еден од најдобрите примери како да се подготват идните генерации за светот на бизнисот, откако ќе завршат со образованието. Ова е програма преку која се спојуваат повеќе елементи од општеството, бизнис секторот и општините и која им овозможува на учениците да добијат практично претприемничко искуство и да добијат претстава за тоа што можат да направат во иднина.

Извршната директорка на Џуниор Ачивмент за Европа, Каролин Џенер не можеше да го сокрие задоволството во своето обраќање до сите ученици за големиот интерес за натпреварот.

Големиот одзив на средни училишта од земјава е само потврда на интересот помеѓу младите за развивање на претприемачкиот дух, влевајќи им надеж дека во иднина ќе можат да ги реализираат своите идеи и да го задржат нивниот фокус и интерес во рамките на нашата земја. Целта на образовната програма е да се намали одливот на стручен кадар од земјава и да се задржат младите образувани и амбициозни луѓе, кои имаат талент и знаење за развивање на бизнис.

На почетокот на следната година Владата на Република Македонија и Џуниор Ачивмент Македонија ќе потпишат официјален договор, што ќе значи дека програмата за Ученички компании во чиј состав е и Иновативниот камп ќе биде целосно поддржана од државата.