ЕИБ: Европа мора да ги зголеми инвестициите ако сака да биде во чекор со конкуренцијата

50

Европа мора значително да ги зголеми инвестициите ако сака да држи чекор со конкуренцијата и да ги постигне целите за нето нула емисии, се наведува во Извештајот за инвестиции на Европската инвестициска банка (ЕИБ) за 2022 и 2023 година.

Јазот во продуктивните инвестиции меѓу Европската унија (ЕУ) и САД изнесува речиси два отсто од БДП, а ова заостанување трае повеќе од десет години, објави ЕИБ.

Извештајот покажува дека уделот на инвестициите на иновативните компании паднал минатата година во споредба со 2021 година, а компаниите како главни фактори кои ги ограничуваат инвестициите ги навеле несигурноста, недостатокот на квалификувана работна сила и високите трошоци за енергија.

Според извештаите, компаниите во ЕУ се помалку склони да иновираат, трансформираат или усвојуваат нови технологии отколку американските.

Недоволното инвестирање во иновации, како и во машини и опрема, може да ја загрози конкурентноста на Европа на долг рок. Оваа празнина трае долго време, а особено ја влоши пандемијата, се посочува во извештајот.

„Иднината на Европа зависи од нашата способност да ја трансформираме и да ја прифатиме дигиталната и зелената транзиција, која бара одлучни инвестиции, и во јавниот и во приватниот сектор. Сепак, неизвесноста предизвикана од непредвидливите политички и пазарни услови се покажува како пречка за инвестициските одлуки“, изјави главниот економист на ЕИБ Дебора Револтела.

Таа додаде дека Европа може да ја искористи својата водечка позиција кога станува збор за иновации во зелените технологии и дека треба уште повеќе да го искористи потенцијалот на единствениот пазар на ЕУ, намалувајќи ги административните бариери за инвестиции.

Глобалната конкуренција во зелените технологии се интензивира, особено по усвојувањето на американскиот Закон за намалување на инфлацијата и зголемените активности на Кина во оваа област.

Европа досега беше лидер во зелените иновации, но треба да продолжи да ја зајакнува таа позиција преку можностите што ги дава нејзиниот единствен пазар. Ова бара јасни регулаторни рамки, еднакви услови за учество за сите, инвестирање во вештини, како и максимално искористување на комбинираните ефекти од инвестициските активности во јавниот и приватниот сектор, велат од ЕИБ.

Кога станува збор за патентирање зелени технологии, Европа е најсилна во областа на транспортот, паметните мрежи и енергијата на ветерот.

Зелените инвестиции од бизнисите напреднаа во 2022 година, откако паднаа за време на пандемијата.

Кога станува збор за двигателите на ваквите инвестиции, анализата на ЕИБ покажува дека административните пречки и неизвесноста може до одреден степен да ги надминат стимулациите.

Меѓу општините што ги анкетираше ЕИБ, 69 проценти рекоа дека немаат вештини за проценка на животната средина и климата потребни за понатамошен развој на зелените инвестиции.

Владите мора да ги зачуваат и зајакнат стимулациите за создавање одржлив, интегриран единствен пазар, добро заштитен од нарушувања, притоа донесувајќи политики кои ја намалуваат неизвесноста и им овозможуваат на бизнисите да инвестираат, се вели во извештајот на ЕИБ, пренесува Танјуг.

Фото: Pixabay