ЕК ја зголеми прогнозата за економски раст во ЕУ за оваа година

47

Европската комисија (ЕК) денеска ја зголеми прогнозата за економскиот раст за оваа година на 0,9 отсто, наведувајќи дека Европа „тесно“ ќе ја избегне рецесијата и дека веќе го поминала врвот на инфлацијата бидејќи цените на природниот гас паѓаат од своите врвови.
ЕК, сепак, предупреди дека високите цени ќе продолжат да ја попречуваат економијата на земјите-членки на ЕУ во наредните месеци.
Трошоците за енергија и потрошувачките цени остануваат високи, дури и по три последователни месеци на пад на годишната инфлација од врвот од 10,6 отсто во октомври на 8,5 отсто во јануари, се вели во соопштението на ЕК.

Економскиот раст годинава треба да достигне 0,8 отсто во 20-те земји од ЕУ кои ја користат валутата евро, се вели во зимската економска прогноза на Комисијата.

Како што се посочува, станува збор за зголемување во однос на 0,3 отсто што се очекуваше во последната прогноза од ноември.
ЕК процени економски раст за поширокиот блок од 27 земји на 0,9 отсто, во споредба со 0,3 отсто во прогнозата од ноември, објави АП.
Агенцијата наведува дека за подобрување на прогнозата за економски раст е одговорно високото складирање на природен гас.

Економијата на ЕУ лани ги надмина очекувањата, со отпорен раст, изјави европскиот економски комесар Паоло Џентилони, наведувајќи дека оваа година ризиците од рецесија и недостиг на гас се значително намалени, а невработеноста се уште е на рекордно ниско ниво.

Европските комунални претпријатија и влади се тркаа да обезбедат нови испораки откако Русија го прекина најголемиот дел од испораките на природен гас во Европа поради војната во Украина.
Цените на природниот гас, кој се користи за загревање на домовите, гориво за индустријата и производство на електрична енергија, достигнаа рекордни нивоа минатото лето бидејќи цените се зголемија и до 18 пати од нивото пред кризата, што ги натера домаќинствата и деловните субјекти да ја намалат потрошувачката.

Цените оттогаш паднаа, иако се околу три пати повисоки отколку пред нападот на Русија врз Украина.