ЕК предлага високи казни за компаниите кои ќе ги прекршат санкциите

66

Европската комисија денеска објави предлог за казнување на компаниите со најмалку 5,0 отсто од нивниот глобален промет доколку ги прекршат санкциите на ЕУ против Русија.

Во предлогот, за кој е потребно одобрение од Европскиот парламент и 27 земји-членки на ЕУ, се наведува и дека лицата кои ќе ги прекршат санкциите ќе се соочат со потенцијална затворска казна од најмалку пет години, пренесува Ројтерс.

Прекршувањето на санкциите против Русија веќе е кривично дело во некои земји од ЕУ, додека во други се третира како административен прекршок, а казните варираат во целиот блок.

„Сè уште има преголем јаз меѓу земјите-членки кога станува збор за казнување за кршење на санкциите на ЕУ“, рече во изјавата европскиот комесар за правда Дидие Рејндерс, додавајќи дека предложените правила ќе донесат кохерентност.