
Европската комисија денеска презентираше Договор за чиста индустрија, замислен како деловен план за поддршка на конкурентноста и прилагодливоста на индустрија на ЕУ и за забрзување на декарбонизацијата.
Според извршната потпретседателка на ЕК за чиста, праведна и конкурентна транзиција Тереза Рибера, со овој документ Европа прави храбар деловен чекор кон декарбонизацијата, како двигател на просперитетот, растот и издржливоста.
– Врз основа на обврските за исполнување на климатските цели од Зелениот договор, ја поставуваме сцената за одржлива иднина, рече Рибера при презентацијата на Договорот.
Таа нагласи дека овој документ обезбедува стабилност и доверба што им е потребна на инвеститорите, преку ослободување на капитал, проширување на пазарите за чиста технологија и обезбедување подостапна енергија и фер и конкурентна клима во која што бизнисите можат да напредуваат.
– Но, се работи и за луѓето. Оваа стратегија е дизајнирана да создаде работни места, да развие вештини и да отвори можности за сите Европејци, додаде Рибера.
Извршниот потпретседател на ЕУ за просперитет и индустриска стратегија Стефан Сежурне изјави дека со Договорот за чиста индустрија, Европа ги забрзува декарбонизацијата и реиндустријализацијата.
– Овој пакт има за цел да ја позиционира Европа како светски лидер во чистата индустрија, од зајакнување на нашето производство, до зајакнување на регулаторната и финансиската поддршка за нашите најстратешки индустриски синџири за снабдување, рече Сежурне.
Договорот, како што нагласи Сежурне, исто така обезбедува единствен европски модел кој декарбонизацијата не само што ја поставува како еколошка цел, туку и како стратегија за економски раст.
Според еврокомесарот за климата, нето нула емисии и чист раст Вопке Хукстра, Европа треба да биде почиста, поконкурентна и самодоволна.
– Договорот за чиста индустрија е наш деловен план. Тој е стратегија за декарбонизација што ја реиндустријализира Европа, истовремено поттикнувајќи ја конкурентноста и зајакнувајќи ја стратешката независност. Имаме план и го спроведуваме во акција почнувајќи од денес, за да обезбедиме просперитетна европска иднина, додаде Хукстра.
Во образложението на Договорот се посочува дека тој ја позиционира декарбонизацијата како моќен двигател за растот за европските индустрии во услови на високи трошоци за енергија и жестока и честопати нелојална глобална конкуренција.
– На нашите индустрии им е потребна итна поддршка. Оваа рамка може да ја поттикне конкурентноста, бидејќи им дава сигурност и предвидливост на компаниите и на инвеститорите дека Европа останува посветена да стане економија без јаглерод до 2050 година, посочува ЕК.
По повод презентацијата на Договорот, претседателката на ЕК порача дека Европа не е само континент на индустриски иновации, туку и на индустриско производство.
– Побарувачката за еколошки производи е забавена, а некои инвестиции се префрлија во други региони. Знаеме дека на патот на нашите европски компании се уште стојат премногу пречки, од високите цени на енергијата, до прекумерното регулаторно оптоварување. Целта на Договорот за чиста индустрија е да ги отстрани пречките што се уште ги кочат нашите компании и да направи јасна бизнис клима во Европа, наведе Фон дер Лајен.
Договорот главно се фокусира на поддршка на енергетски интензивните индустрии во процесот на нивна декарбонизација и на индустриската трансформација кон чиста технологија. Во рамки на мерките за зајакнување на целиот синџир на вредност предвидени со Договорот, ЕК следниот месец ќе презентира Акциски план за автомобилската индустрија, во текот на пролетта и Акциски план за челик и метали, а потоа и за хемиската индустрија.
Целта на Договорот е намалување на трошоците за енергија, поттикнување на побарувачката на еколошки производи и финансирање на транзицијата кон чиста економија.
За реализација на овие цели ќе биде усвоена нова Рамка за државна помош за имплементација на Договорот, ќе биде предложено зголемување на средствата во Фондот за иновации и создавање на Банка за индустриска декарбонизација преку која би се обезбедило финансирање од 100 милијарди евра, а ќе биде иницирана и измена на регулативата „ИнвестЕУ“, со што ќе овозможи мобилизирање до 50 милијарди евра дополнителни приватни и јавни инвестиции.
Дополнително, за поддршка на Договорот за чисти индустрија и Европската инвестициска банка (ЕИБ) ќе промовира серија на конкретни финансиски инструменти за намалување на ризиците за производителите, за гаранции за набавка на електрична енергија и за поддршка на чистата технологија.
Договорот треба да обезбеди и пристап до неопходните ресурси за европската индустријата, зајакнување на нејзината позиција на глобалната сцена и обезбедување на стручно оспособена работна сила.