ЕК: Воведувањето „реципрочни царини“ од страна на САД е чекор во погрешна насока

Европската комисија оцени дека одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да воведе „реципрочни царини“ е чекор во погрешна насока.

– ЕУ останува посветена на отворен и предвидлив глобален трговски систем од кој имаат корист сите партнери. ЕУ има едни од најниските царини во светот и не гледа причина да ги зголеми американските царини за својот извоз, се наведува во реакцијата на ЕК на одлуката на Трамп.

Во реакцијата се повторува и претходно изнесениот став на претставниците на ЕУ дека тарифите се даноци и дека со нивното воведување САД ги оданочуваат сопствените граѓани, ги зголемуваат деловните трошоци, го задушуваат растот и ја стимулираат инфлацијата.

– Царината ја зголемува економската несигурност и ја нарушува ефикасноста и интеграцијата на глобалните пазари, се додава во соопштението.

Според ЕК, светската трговија порасна под предвидливи, транспарентни правила и ниски царини, а ЕУ со децении работеше со трговски партнери како САД за да ги намали царините и другите трговски бариери ширум светот, зајакнувајќи ја оваа отвореност преку обврзувачки одредби во трговскиот систем заснован на правила, обврски кои Вашингтон сега ги поткопува.

Во реакцијата се нагласува дека ЕУ е една од најотворените економии во светот, со над 70 отсто увезени стоки без царини, а просечната царинска стапка на Унијата е меѓу најниските на глобално ниво.

– Економската интеграција и отстранувањето на трговските бариери беа фундаментални за успехот на Европската унија. Ние веруваме во заемно корисни и урамнотежени трговски партнерства, засновани на транспарентност и правичност, се додава во соопштението.

Според Комисијата, токму од тие причини ЕУ има најголема и најбрзо растечка мрежа на трговски договори во светот и има склучено над три пати повеќе трговски договори од САД.

– ЕУ ќе реагира цврсто и веднаш против неоправданите бариери за слободната и фер трговија, вклучително и кога тарифите се користат за оспорување на правните и недискриминаторните политики. ЕУ секогаш ќе ги штити европските бизниси, работници и потрошувачи од неоправдани тарифни мерки, се нагласува во реакцијата на ЕК на американската најава за „реципрочни царини“.