Сега е нејасно дали ќе се заострува монетарната политика и дали ФЕД и Европската централна банка ќе го жртвуваат економскиот раст. Многу економисти сега предвидуваат стагфлација oдносно успорен раст со пораст на цените.
Ова утрово на бизнис форумот Копаоник го изјави Александар Влаховиќ, претседател на Здружението на економисти на Србија, говорејќи за моменталната состојба на глобалната економија.
„Растот лани во Европа беше 5,2, но во последниот квартал забави. Австрија и Германија имаа пад во последниот квартал“, рече Влаховиќ.
„Сега стравот од стагфлација во Европа е повеќе од изразен, а сега клучната неизвесност се должи на руско-украинската криза“, оцени тој.
Според него, првичните проекции говореа дека светската економија годинава ќе порасне за 4,4 отсто, лани беше 5,9 отсто, но сосема е извесно дека проектираниот раст ќе се коригира.
Многу економисти предвидуваат дека ќе следи период на стагфлација, односно стагнација на економската активност со висока инфлација, рече Влаховиќ и додаде дека во јануари годинава инфлацијата во САД изнесувала 7,5 отсто, што е највисоко ниво во последните 40 години.