Економскиот раст на еврозоната беше нешто понизок во вториот квартал од првично проценето, но сепак е силен, покажаа ревидираните податоци на Европската статистичка служба, Евростат, додека вработеноста повторно порасна.
Евростат објави дека бруто домашниот производ (БДП) на 19-члениот валутен блок пораснал за 0,6 отсто на квартална основа во периодот април-јуни 2022 година, наместо за 0,7 отсто, како што беше првично проценето, пренесува Ројтерс.
На годишна основа, економијата на еврозоната забележа раст во споменатиот квартал од 3,9 отсто, што е под прелиминарната проценка од 4 отсто.
Евростат објави и дека вработеноста во еврозоната пораснала во минатиот квартал за 0,3 отсто на квартална основа и за 2,4 отсто на годишно ниво.
Економистите веруваат дека растот во вториот квартал би можел да биде последен за тековната година, бидејќи очекуваат зголемената инфлација и проблемите со синџирот на снабдување да предизвикаат блага рецесија во следните 12 месеци.











