Најк во четвртокот соопшти дека поранешниот извршен директор Елиот Хил повторно ќе ја преземе функцијата претседател и извршен директор на компанијата, заменувајќи го Џон Донахо.
Хил помина 32 години во Најк, каде што имаше лидерски позиции во Европа и Северна Америка, помагајќи да се зголеми бизнисот на повеќе од 39 милијарди долари, соопшти компанијата. Пред да се пензионира во 2020 година, тој беше претседател на потрошувачки сектор, водејќи ги комерцијалните операции на брендовите Најк и Џордан, пренесува Ројтерс.
Најк објави во официјалното поднесување дека годишната основна плата на Хил како претседател и извршен директор ќе биде 1,5 милиони долари. Тој ќе ја преземе функцијата на 14 октомври. Аналитичарите ја поздравија промената, а акциите на компанијата пораснаа за осум отсто во тргувањето по работното време, додека нејзината пазарна вредност се зголеми за 11 милијарди долари по објавувањето на новиот извршен директор.
Донаху беше задолжен за зајакнување на онлајн присуството на компанијата и зголемување на продажбата преку канали директно до потрошувачите. Првично, овој потег ѝ помогна на компанијата да профитира од зголемената побарувачка за спорт и секојдневна облека по пандемијата, овозможувајќи му на Најк да надмине годишна продажба од 50 милијарди долари во фискалната 2023 година за прв пат.