ЕП:Драконски казни за големите компании за експлоатација на работници, кратење на бонусите на директорите

53

Во четвртокот, Европскиот Парламент го усвои својот став за дискусија со земјите-членки за правилата за вклучување на човековите права и влијанието врз животната средина во управувањето со компаниите.

Од бизнисите ќе се бара да го идентификуваат и каде што е потребно да го спречат или ублажат негативното влијание на нивните активности врз човековите права и животната средина, како што се детскиот труд, ропството, трудовата експлоатација, загадувањето, деградацијата на животната средина и губењето на биолошката разновидност.

Тие, исто така, ќе треба да го следат и проценат влијанието на нивните партнери во синџирот на вредност, вклучувајќи ги не само добавувачите, туку и субјектите поврзани со продажба, дистрибуција, транспорт, складирање, управување со отпад и други области.

Новите правила ќе важат за компаниите со седиште во ЕУ, без оглед на секторот на кој припаѓаат, вклучително и финансиските услуги, со повеќе од 250 вработени и обрт од над 40 милиони евра, како и за компаниите-мајки со над 500 вработени и глобално со обрт од над 150 милиони евра. Правилата ќе ги опфатат и компаниите надвор од ЕУ со промет поголем од 150 милиони евра, доколку најмалку 40 милиони евра од таа сума се остварени во ЕУ.

Компаниите ќе мора да спроведат транзициски план со цел да се ограничи глобалното затоплување на 1,5°C, а во случај на големи компании со над 1.000 вработени, исполнувањето на целите на тој план ќе влијае на варијабилниот дел од платата на директорот (на пр. бонуси ). Новите правила, исто така, бараат од компаниите да се ангажираат со оние кои се погодени од нивните постапки, вклучително и активисти за човекови права и животна средина, да воспостават механизам за поплаки и редовно да ја следат ефективноста на нивните политики за длабинска анализа. Со цел да се олесни пристапот на инвеститорите, корпоративните информации за политиката за длабинска анализа на компанијата треба да бидат достапни и на Европската единствена пристапна точка (ESAP).

Санкции и механизам за следење

Бизнисите кои нема да ги почитуваат правилата ќе бидат одговорни за штети и може да бидат санкционирани од националните надзорни тела. Санкциите вклучуваат мерки како што се јавни опомени, отстранување на стоки од пазарот или парични казни во износ од најмалку 5% од нето глобалниот промет на компанијата. На компаниите кои не се членки на ЕУ, а кои нема да ги почитуваат правилата, ќе им биде забрането да вршат јавни набавки во ЕУ.

Според усвоениот текст, новите законски обврски би важеле по три или четири години, во зависност од големината на компанијата. Помалите компании ќе можат да ја одложат примената на новите правила за дополнителна година.

Преговарачкиот став на Парламентот беше усвоен со 366 гласа „за“, 225 „против“ и 38 воздржани.