Ericsson со тужба против Samsung

26

Шведскиот гигант за производитство на телекомуникациска опрема Ericsson излезе со соопштение дека поднел тужба пред американскиот суд против јужнокорејската компанија Samsung поради кршење на патенти.

„Ericsson денеска поднесе тужба во САД против Samsung поради повреда на патенти, откако двегодишните преговори не вродија со решение“, се вели во соопштението.

Понатаму во соопштението се истакнува дека спорот помеѓу двете компании е поради патентираната технологија на Ericsson, која е клучна за неколку телекомуникациски и мрежни стандарди, кои Samsung ги користи во своите производи.

Ericsson посочува и други патентирани изуми, кои често се користат во безжичните и останатите производи за широка употреба на Samsung.

Од друга страна пак, Samsung има веќе поднесено тужби пред судовите во Велика Британија, Холандија и САД поради спорот со американскиот компјутерски гигант Apple, околу технологијата што се користи во мобилните телефони и таблет пресметувачите.