
„Стелантис“ во понеделник објави „значајни прекини“ во производството на некои модели на „Фиат“ во Италија поради недостаток на клучна електронска компонента за контролната единица на моторот, предупредувајќи дека проблемите би можеле да траат до крајот на годината.
Според „Стелантис“, недостатокот на чипови од еден од добавувачите имал негативно влијание врз продажбата на автомобили во октомври, особено на „Фиат Панда“, кој е еден од најпопуларните модели на таа марка.
„Стелантис и „Фиат“ дадоа највисок приоритет на наоѓање алтернативни решенија и постепено воспоставување нормално работење“, соопшти групацијата.
Недостатокот на компоненти би можел да доведе до дополнителни тешкотии во ноември и декември, вклучително и прекини на производството во фабриката во Помиљано каде што се произведува „Пандина“ и во фабриката во Мирафиори каде што се произведува „Фиат 500“.
Прекините би можеле да влијаат и на фабриките на „Стелантис“ во Италија кои произведуваат делови за мотори, вклучувајќи ја и фабриката во Термоли која го произведува моторот N3 GSE. Токму овој тип на мотор е инсталиран и во „Панда“ и во моделот 500, потсетува „Ројтерс“.
Производството во фабриката Мирафиори во Торино веќе беше прекинато кон средината на октомври, во траење од три недели, поради недостаток на делови за моторите на хибридните модели. Синдикатите ја наведуваат слабата побарувачка за моделот Фиат 500 како една од причините за прекинот на работата, забележува Ројтерс. На крајот на септември, Стелантис објави дека го прекинува производството во три француски фабрики најмалку една недела, делумно поради недостаток на батерии за електрични возила.











