ЕЦБ бележи рекорден пад на побарувачката за кредити

38

Домаќинствата и бизнисите се борат со повисоки трошоци за задолжување, а економската перспектива е исто така полоша отколку што беше. Поради тоа има помал интерес за кредитите, соопшти Европската централна банка (ЕЦБ).
Според нејзините податоци, во последниот квартал од минатата година е забележан најголем пад на побарувачката за хипотекарни кредити откако се води евиденција од 2003 година, пренесува СееБиз.

Од ЕЦБ објаснуваат дека има помал интерес за кредити кај домаќинствата и компаниите, а меѓу причините за негативните трендови во делот на хипотеките ги наведуваат „зголемените каматни стапки, ниската доверба на потрошувачите и влошувањето на изгледите на пазарот на недвижности. ”

Банките – 151 од нив беа вклучени во истражувањето на ЕЦБ – очекуваат овој тренд да продолжи и во првиот квартал од оваа година.

Во исто време, ЕЦБ укажува на „значително заострување“ на стандардите за кредитирање во последниот квартал од минатата година, што покажува дека банките не се склони да преземаат прекумерни ризици во услови на неизвесна економска перспектива.

Условите за добивање кредити се најстроги за компаниите од 2011 година кога изби тешка должничка криза во еврозоната.

Во последниве месеци, ЕЦБ неколку пати ги зголеми каматните стапки со цел да ја ограничи дивата инфлација. Инфлацијата во еврозоната во октомври надмина десет отсто на годишно ниво, но во декември малку се смири и изнесуваше 9,2 отсто.

Фото:Pixabay