ЕЦБ може да го забави темпото на зголемување на каматните стапки следниот месец

56

Креаторите на монетарната политика во Европската централна банка може да го забават темпото на зголемување на каматните стапки следниот месец, со зголемување од 50 базични поени, според извори запознаени со ситуацијата.

Првичните дискусии покажуваат дека сега не е време за зголемување од 75 базични поени, велат изворите кои сакаа да останат анонимни бидејќи овие податоци се уште не се достапни на јавноста. Доколку не дојде до нов ненадеен пораст на инфлацијата, како што велат, лидерите на банката би можеле да се договорат за преземање помалку агресивни чекори, пишува Блумберг.

Меѓу причините за ваквиот став се зголемените ризици од рецесија, можноста за намалување на притисоците врз потрошувачките цени и изгледите каматната стапка да се зголеми од 50 базични поени на два проценти ќе доведе до таканареченото неутрално ниво кое повеќе нема да го стимулира економијата. Беше посочена и потребата од почеток на преговори за намалување на билансот на состојба.

Четири недели пред најважната одлука на ЕЦБ за годинава, која ќе биде објавена на 15 декември, челниците на оваа монетарна институција имаат уште многу време да го променат својот став.

Гувернерот на австриската централна банка Роберт Холцман, кој претходно се залагаше за агресивно зголемување, не зборуваше премногу за големината на претстојното зголемување, а не го спомена ниту претседателот на германската Бундесбанка, Јоаким Нагел.