ЕЦБ: Раст на платите во еврозоната

24

Растот на платите во еврозоната благо забрза во првиот квартал, покажаа податоците на Европската централна банка (ЕЦБ), што сигнализира дилема за официјалните лица пред очекуваната одлука за намалување на трошоците за задолжување.

Платите во 20-те земји кои го делат еврото се зголемија за 4,69 отсто во првиот квартал, по растот од 4,45 отсто во претходните три месеци, објави ЕЦБ.

Малото забрзување е резултат на континуираните барања на синдикатите да ги надоместат пониските реални примања на граѓаните со повисоки плати во услови на висока инфлација.

„Стапката на раст на платите треба, во целина, да остане покачена во 2024 година. Сепак, притисоците на платите треба да се намалат оваа година“, заклучува ЕЦБ во блог пост.

Банкарските власти постојано потенцираа дека одлуката за намалување на каматните стапки ќе се заснова пред сè на растот на платите, сигнализирајќи дека почетокот на циклусот на намалување на трошоците за задолжување може да биде најавен на седницата закажана за 6 јуни.

ЕЦБ долго време тврдеше дека номиналните плати треба да растат само три проценти за да се постигне целната стапка на инфлација од два проценти, тврдејќи дека повисоките стапки ќе сигнализираат прекумерен притисок врз платите во економијата, што на крајот ќе го поддржи растот на цените.

Но, поради високата инфлација, тие констатираа дека работниците заслужуваат компензација за изгубените приходи, велејќи дека е прифатлив посилен раст на платите во одреден период, особено што компаниите најмногу можат да го апсорбираат со натпросечни профитни маржи.

ЕЦБ очекува компензацијата по вработен во еврозоната да порасне за 4,5 отсто оваа година, за 3,6 отсто во 2025 година и за три отсто во 2026 година.