ЕУ е ранлива денес, надворешната трговија и извозот повеќе не се двигател на растот

Европа мора да го ослободи потенцијалот на својот внатрешен пазар, според претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард. На 35-от Европски банкарски конгрес во Франкфурт, Лагард истакна дека Европската Унија денес е ранлива поради отвореноста на нејзината економија и предупреди дека надворешната трговија и извозот повеќе не се двигател на растот.

Зависноста од американските пазари доведе до стагнација на продуктивноста и зголемена зависност од другите, а Европа има проблеми и поради зависноста од клучните суровини и технологии од Кина, додава претседателката на Европската централна банка.

Европската Унија, како што изјави таа, има отпорна економија благодарение на силниот пазар на трудот што ја одржува вработеноста и потрошувачката дури и кога растот забавува, големиот потенцијал на европските фирми и соодветните фискални и монетарни политики, но внатрешните пречки продолжуваат да го ограничуваат растот, особено во дигиталните услуги и пазарите на капитал. Доколку сите членки на Европската Унија ги намалат бариерите на нивото на Холандија, внатрешната трговија би се зголемила доволно за да ги компензира последиците од американските царини, изјави Кристин Лагард.

Таа повика на отстранување на бариерите за стоки и услуги меѓу земјите од Европската Унија, поефикасно донесување одлуки врз основа на квалификувано мнозинство во важните области и поедноставена правна рамка за водење бизнис во земјите од ЕУ. Според неа, овие чекори не бараат нови договори, туку само политичка волја за спроведување на постојните механизми, според текстот објавен на веб-страницата на ЕЦБ.

„Доколку ова се постигне, Европа може да премине од отпорност кон вистинска сила“, заклучи Кристин Лагард.