
Поради зголемениот притисок генериран од презаситеноста на глобалниот пазар на челик, зголемениот извоз од Кина и воспоставувањето на трговски бариери на клучните пазари, како што е американскиот, Европската комисија донесе одлука за зајакнување на протективните мерки за челичната индустрија во ЕУ.
Овие мерки, меѓу другото, предвидуваат ограничување на обемот на челик што може да се увезува во ЕУ без царини, како и укинување на можноста за странските извозници за користење на неискористени квоти за извоз во други држави.
– Заострените мерки ќе создадат „простор за дишење“ на производителите на челик во ЕУ, ќе им овозможат да го зголемат своето производство и со тоа да го вратат изгубениот пазарен удел.
Исто така, тие имаат за цел да го зголемат вработувањето и инвестициите во производството на еколошки челик, соопшти ЕК.
Одлуката за зајакнување на заштитните мерки за челикот се темели врз основа на резултатите од истрагата иницирана од 13 земји членки на ЕУ, која утврди дека состојбата во челичната индустрија се влошува поради зголемениот увозен притисок и намалената побарувачка.
Најголемиот дел од новите мерки ќе стапат на сила на 1 април 2025 година, освен две – за намалување на темпото за либерализација на увозот од 1 на 0,1 процент и за укинување на можноста за користење на неискористените количини, кои ќе почнат да се применуваат од 1 јули.
Усвоените протективни мерки за челикот ќе важат до 30 јуни 2026 година.
Заштитните мерки за челикот Европската комисија ги воведе во 2019 година со цел да ги олесни економските штети врз челичната индустрија во ЕУ предизвикани од трговските ограничувања и зголемениот увоз.