Европската комисија (ЕК) не предложи забрана за рускиот течен природен гас (ЛНГ) во својот последен пакет санкции бидејќи членките на ЕУ изразија загриженост за недостатокот на алтернативни извори на снабдување, вклучително и увоз од САД, рекоа дипломати на ЕУ.
„Прво треба да имате договор бидејќи во спротивно ќе останете без гас од Русија и без гас од САД“, рече еден од дипломатите, пренесе Ројтерс.
ЕУ го забрани транспортот на руски ЛНГ во јуни минатата година како дел од санкциите поради војната во Украина.
Дотогаш Русија ги користеше пристаништата во северна Европа за пренос на ЛНГ, кој потоа беше доставен во Азија.
Откако стапи на сила забраната, повеќе руски ЛНГ остана во Европа, поради што одредени членки на ЕУ побараа построги мерки.
Сепак, Комисијата не предложи дополнителни санкции, по противењето на неколку земји-членки.
Извори од ЕУ велат дека студеното време, намалените резерви на гас и претстојните избори во Германија негативно влијаеле на идејата за построги санкции.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека сака ЕУ да купи повеќе американски ЛНГ и ќе стави на располагање повеќе гас, но не е јасно кога ЕУ ќе може да обезбеди повеќе ЛНГ од САД, бидејќи извозот е веќе со полн капацитет.
Новото производство на ЛНГ нема да биде достапно пред 2030 година, според Ројтерс.