ЕУ најавува решителен одговор на царините за челик и алуминиум

Европската комисија најави „одлучни и итни мерки“ против тарифите за челик и алуминиум од 25 отсто, наметнати од американскиот претседател Доналд Трамп.

Во соопштението овие тарифи се опишани како „неоправдани пречки за слободната и фер трговија“ и се вели дека ЕУ „секогаш ќе ги штити европските бизниси, работници и потрошувачи од неоправдани царини“.

Европската комисија вели дека со воведувањето на овие царини „САД ги оданочуваат своите граѓани, ги зголемуваат деловните трошоци, го задушуваат растот и ја поттикнуваат инфлацијата“, дека тие „ја зголемуваат економската несигурност и ја нарушуваат ефикасноста и интеграцијата на глобалните пазари“.

Комисијата нагласи дека ЕУ има некои од најниските царини во светот и не гледа оправдување за зголемување на американските царини за нејзиниот извоз.

Сè уште не е јасно какви контрамерки ќе спроведе ЕУ.

Трамп воведе слични царини за челик и алуминиум од ЕУ за време на неговиот прв мандат, што ги налути европските и другите сојузници на САД. ЕУ потоа воведе контрамерки со зголемување на царините за мотоцикли, бурбон, путер од кикирики и фармерки произведени во САД.

Се проценува дека обемот на трговијата меѓу ЕУ и САД изнесува околу 1.500 милијарди американски долари годишно, што е околу 30% од светската трговија. ЕУ има значителен извозен суфицит на стоки со САД, кои имаат суфицит во трговијата со услуги што донекаде го неутрализира ова.