ЕУ планира нови санкции за рускиот технолошки сектор

74

Европската унија ќе предложи нов пакет санкции за дополнително ограничување на способноста на Москва да ја поддржи својата воена машина, објави Bloomberg, повикувајќи сѐ на извори запознаени со предлозите.

Мерките ќе вклучуваат широки нови забрани за извоз на голем број производи, технологии и компоненти кои се идентификувани во руското оружје распоредено во Украина, рекоа изворите, кои сакаа да останат анонимни.

Европската комисија, исто така, планира да предложи извозни мерки насочени кон тешките возила, вклучувајќи камиони и машини кои вообичаено се користат во шумарството и земјоделскиот сектор, како и можни ограничувања за увоз на руска гума и асфалт, велат изворите.

Потенцијалниот пакет мерки допрва треба да биде формално предложен и може да се промени. Европските санкции мора да бидат поддржани од сите земји-членки за да бидат усвоени. Постојаните претставници ќе разговараат за мерките подоцна оваа недела, со цел пакетот да биде одобрен пред 24-ти февруари, една година од почетокот на руската инвазија на Украина.

Пакетот мерки, десетти на ЕУ од почетокот на инвазијата, исто така може да воведе санкции за уште десетици физички и правни лица, велат изворите. ЕУ може дополнително да ја санкционира руската платеничка група „Вагнер“. Франција сака групата да биде санкционирана, рекоа два други извори. Се проценува дека „Вагнер“ контролира околу 50.000 војници во Украина и има присуство во земјите од Централна Африка и Сахел.

Новиот пакет ќе се обиде да ги зајакне напорите за блокирање на оние кои се обидуваат да ги заобиколат европските санкции со забрана на компаниите да продаваат клучни извозни производи и технологија на трети земји, кои потоа ги снабдуваат во Русија. Тоа ќе вклучи и други мерки насочени кон московскиот сектор на беспилотни летала и увоз на дронови од Иран.

Паралелно, ЕУ подготвува нови санкции против Белорусија поради нејзината поддршка за Русија во војната во Украина, изедначувајќи ги ограничувањата на Минск со оние на Москва, објави претходно „Bloomberg“.

ЕК може да предложи и санкции против повеќе банки, но некои земји може да се спротивстават на тоа, велат изворите.