ЕУ постигна договор за правилата за следење на крипто трансферите

24

Европската унија постигна договор за нови правила според кои трансферите на криптовалути ќе подлежат на истите правила за перење пари како и традиционалните банкарски трансфери.

Преговарачите на ЕУ потпишаа привремена спогодба за првите правила на 27-члениот блок за следење на трансферот на крипто средства како што е биткоинот, кои имаат за цел да ги потиснат нелегалните трансфери и да блокираат сомнителни трансакции.

Според новите правила, кога крипто средството ја менува сопственоста, информациите за изворот и корисникот ќе треба да се складираат на двете страни на трансферот. Крипто компаниите ќе мора да ги пренесат овие информации до властите кои истражуваат криминални активности како што се перење пари или финансирање тероризам.

Еден од пратениците на ЕУ во преговорите за правилата, Асита Канко изјави дека крипто средствата „предолго се под радарот на агенциите за спроведување на законот”. „Ќе биде многу потешко да се злоупотребат крипто средствата и невините трговци и инвеститори ќе бидат подобро заштитени”, рече таа.

Институциите на ЕУ ги разработуваат техничките детали пред конечно да бидат одобрени правилата. Преговарачите вечерва треба да ги претстават последните детали од посебниот договор за сеопфатен пакет крипто-регулативи, познати како Пазари на крипто средства.